Претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека е шокиран од одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“. Во реакција на Фејсбук, тој оценува дека на овој начин се поткопува вербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Шокиран сум од одлуката на апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина”. Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата”
порачува Пендаровски.
На одлуката за укинување на првостепената пресуда за затворска казна на екс-шефот на УБК Сашо Мијалков и враќањето на повторно судење за случајот со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, денеска реагираа и поранешниот премиер Зоран Заев и екс министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Стотици илјади граѓани со години се боревме да ги срушиме алчните арамии од режимот и успеавме, а сега некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда, напиша Заев на Фејсбук и повика да не се дозволи застарување на делата за Мијалков.
„Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам. Ги повикувам сите надлежни од и околу правосудството, сите со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден“
напиша Заев.
Според Димитров, пак одлуката на Апелација е резултат на клиентелизмот во судството.Според него ЕУ и САД можат само да помогнат, но не и да го решат проблемот со партизацијата во судството.
„Се’ додека за способните и чесните нема место поради партиски лојалните, нема излез од овој грд круг. Знаете всушност што нам ни треба? Антипартија! За да се бори за политика во интерес на општото добро, на нашето заедничко. За Републиката – Res Publica. За политика со судир на идеи и визии, а не на бизнис и партиски кланови“
вели Димитров.