Претседателот на државата на прeс-конференцијата повеќепати потенцира дека ова е само негово размислување, кое не треба да се сфати како сугерирање, а прашањето ќе биде разгледувано на седницата на Националниот совет за безбедност в понеделник
Не сум надлежен, но сериозно би размислувал за опцијата за одложување на парламентарните избори поради состојбата со коронавирусот, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски на прес-конференцијата во дворот на вилата Водно. Ова прашање тој ќе го постави на седницата на Националниот совет за безбедност што ја свика за в понеделник, на која ќе бидат повикани министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата.
„Немам некакви надлежности за закажување избори. Точно е дека на лидерската средба што јас ја свикав е договорен тој датум, но таа одлука е во рацете на парламентарното мнозинство и на останатите партии што учествуваат на избори. Ние можеме како држава да извлечеме кампања која ќе оди на социјалните мрежи, но има цели категории граѓани, повозрасни, кои немаат пристап до социјалните мрежи. Моја проценка е дека избори што би оделе со редуцирана кампања се можни, но имам резерви за самиот ден на изборите“,
рече Пендаровски.
Тој тоа го објасни во контекст на една од препораките на Владата, за ограничување дури и на приватните собири на граѓаните.
„Внатре во државата има 3 000 гласачки места, при што само 30 000 лица се ангажирани како администрација. На ден на изборите се спроведува операција за пренос на материјалот и на крајот на изборниот ден се предава материјалот на изборните комисии кога се калкулираат резултатите. Треба да се има предвид дека на некои гласачки места има од 1 000 до 1 100 гласачи. Што е со луѓето што не треба да излегуваат?“,
рече Пендаровски.
Тој потенцира дека досега не се случило да се организираат избори во случај на прогласена вонредна состојба и во таа смисла нашиот закон не предвидел никаква опција во таков случај – односно евентуално прогласување таква состојба не значи и автоматско одложување на изборите, туку тоа е процена, за која очекува дека ќе се разгледа на претстојната седница на Националниот совет за безбедност.
Тој повеќепати потенцира дека ова за што зборува денеска е само негово размислување, кое не треба да се сфати како сугерирање.
Ги повика лидерите на партиите да се навратат на ова прашање во наредните пет до 10 дена.
„Лидерите на партиите во наредните пет до десет дена повторно да се навратат на ова прашање, бидејќи на сите ни е кристално јасно дека апсолутен приоритет во оваа ситуација е здравјето на нашите граѓани, а не политичките или партиски интереси. И се разбира за тоа треба да има комплетен консензус. Не треба да се брза со таа одлука, меѓутоа ситуацијата објективно и околу нас и кај нас се усложнува во делот на ентузијазмот луѓето да гласаат“,
рече Пендаровски.
Прес-конференцијата во претседателската резиденција се одржа на отворено, со соодветна дистанца меѓу столчињата за новинарите, а на самиот влез на претставниците на медиумите им била мерена телесната температура.