„На средбата беше разговарано и за уникатното значење на Вселенската патријаршија како врховно институционално тело во православието“, велат од кабинетот на поранешниот претседател

За состојбите во православниот свет денеска во Истанбул разговарале поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.
На средбата, како што се вели во соопштението испратено од кабинетот на поранешниот претседател Пендаровски, станало збор и за улогата на Вселенската патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии.
„На средбата беше разговарано и за уникатното значење на Вселенската патријаршија како врховно институционално тело во православието“,
се додава во соопштението.
Инаку, ова не е прва средба на Пендаровски со Вартоломеј. Во март 2023 година Пендаровски како претседател, исто така во Истанбул, на средба со Вартомолеј искажал благодарност до вселенскиот патријарх за посебната улога што ја има во надминувањето на црковниот спор поврзан со Македонската православна црква.
На тогашната средба било констатирано дека единствениот пат за добивање на легитимен и целосно прифатен томос за автокефалност е оној што го издава Вселенската патријаршија.
Претходно во 2021 година Пендаровски, во рамки на работната посета на Турција, се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј на која побара итно решавање на статусот на МПЦ, а Вартоломеј му посака поскоро членство на земјата во ЕУ.