Кандидатот на СДСМ оцени дека поради теснопартиски и лични политички интереси, денеска на систематски и организиран начин илјадници граѓани биле спречени да го земат второто гласачко ливче и да гласаат и на претседателските избори. Со тие претпоставени стотици илјади гласови, рече Пендаровски, трката ќе беше далеку понеизвесна
Резултатите се јасни и нема потреба од дополнително образлагање – изјави на вечерашната прес-конференција претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, по денешното гласање на вториот круг од претседателските и изборите за пратеници. Честитајќи им ја победата на победниците, Пендаровски им посака успех во работата во наредните четири, односно пет години.
„Мојот концепт за мултиетничка Македонија, целосно интегрирана во евроатлантските структури денес за жал не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Меѓутоа јас сум длабоко уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава“,
порача претседателскиот кандидат на СДСМ.
Рече дека во оваа смисла неговата совест е чиста, но изрази сомнеж оти е чиста совеста на оние кои, како што рече, тргнувајќи од теснопартиски и лични политички интереси денеска на систематски и организиран начин, спречиле илјадници граѓани да го земат второто гласачко ливче и да гласаат и на претседателските избори.
„Според онаа првична анализа што ја направивме, не ги добив и гласовите и од албанската опозиција бидејќи тие имаа сличен пристап кон своите гласачи. Неколкумина видни функционери гласаа и земаа две ливчиња, но според она што јас го имам како информација е дека најголемиот дел и од нивните гласачи, калкулирајќи дека утре ќе се најдат во идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, постапија многу слично на гласачите на ДУИ“,
рече Пендаровски.
Оцени дека другите петмина претседателски кандидати во првиот круг од изборите, кон кои се слеаја над 300 илјади гласа, биле поблиску до неговиот политички концепт за разлика од оној на неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова, и оти со тие гласови трката ќе била далеку понеизвесна.
„Но повторувам, од за мене непознати причини, верувам, од теснопартиски интереси направија таква калкулација и на организиран начин ги спречија луѓето да гласаат и за претседател. Со тие претпоставени стотици илјади гласови трката ќе беше далеку понеизвесна“,
додаде Пендаровски.
Прашан што ќе прави по заминувањето од претседателската функција, Пендаровски рече дека се враќа на својата работа како професор на факултет, каде што работеше и пред преземањето на функцијата.