Во светло на возобновувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово, претседателот го истакнал ставот дека придонесот на ЕУ е повеќе од потребен, со цел изнаоѓање решение кое ќе ја зајакне регионалната стабилност
Претседателот Стево Пендаровски денеска остварил видеоразговор со Мирослав Лајчак, специјален претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина и за други прашања за Западен Балкан, соопштија од претседателскиот кабинет.
Двајцата соговорници размениле мислења и информации поврзани со најновиот развој на настани во регионот, значењето на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската Унија.
Претседателот Пендаровски го информирал високиот претставник Лајчак за актуелните состојби во земјава и спроведувањето на изборниот процес.
Во светло на возобновувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово, претседателот Пендаровски го истакна ставот дека придонесот на ЕУ е повеќе од потребен, со цел изнаоѓање прифатливо решение, кое ќе ја зајакне регионалната стабилност и во таа насока го поздрави значењето на мисијата што ја има специјалниот претставник Лајчак.
Соговорниците договорија редовна комуникација и размена на информации од заемен интерес во претстојниот период.
