На ваквите забелешки и критики, неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова на Пендаровски во нивното соочување емитувано вечерва на ТВ Телма му одговори дека партиите разговараат и преговараат, но граѓаните се тие коишто гласаат
Актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат на функцијата Стево Пендаровски во вечерашниот телевизиски дуел со неговата противкандидатка, Гордана Силјановска-Давкова упати критики до неа и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека водат задкулисни преговори со други партии за нејзина поддршка во вториот круг од претседателските избори закажан за 8 мај.

Според него договарањата меѓу партиските лидери не придонесуваат за демократијата во Македонија и затоа тој упатува јавен повик до сите граѓани чии кандидати испаднаа во првиот круг, и до оние кои воопшто не гласале на 24 април, ако се препознаваат во неговиот концепт, да гласаат за него.
Пендаровски, говорејќи на оваа тема во дебата со Силјановска-Давкова на ТВ Телма рече дека Мицкоски уште во кампањата кажал дека има договор за коалиција со перспективните коалициски партнери, а по првиот круг рекол дека разговарал со лидерот на „Движењето ЗНАМ“ Максим Димитриевски и со Арбен Таравари, кој беше кандидат за претседател на државата на опозициските партиите на Албанците здружени во коалцијата „Вреди“.
Таквото барање поддршка за претседателски кандидати, според него, значи дека тие не се независни од било кои центри на политичка и финансиска моќ.
„Претседателот на ВНРО-ДПМНЕ уште на незавршен прв круг, значи во рамки на кампањата велеше дека имаат направено коалиција и бараше поддршка од перспекктивни коалициски партнери за претседателскиот кандидат кој тој и тие го поддржуваат. По завршувањето на првиот круг Мицкоски јавно рече дека разговарал и со Таравари и со Максим Димитриевски и во неконеклку наврати јавно повтори дека од нив бара поддршка и за претседателскиот кандидат. Значи директни разговори со лидери за претседателските избори во кои ние со нашиот концепт треба да ги убедуваме граѓаните, без да бараме јавна поддршка и задкулисни и меѓупартиски договарања со другите перспективни коалициски партнери. Мислам дека тоа не доликува на највисоката политичка функција во државата“,
рече Пендаровски.
На ваквите забелешки и критики, неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова му одговори дека партиите разговараат и преговараат, но граѓаните се тие коишто гласаат.
„Јас дури не им велам на граѓаните ‘гласајте за мене’, туку „искористете го вашето политичко право, едно од најважните и гласајте по сопствено уверување“. Не можете да им оневозможите на коалициите и на лидерите на париите да разговараат и да преговараат меѓусебе., Инаку, логично е опозицијата да се обединува кога има противник каков што е оваа власт. Тоа е толку логично што се случувало и во Собранието. Веројатно и совпаѓањето на претседателските и на парламентарните оневозможува да се постави една линија, цврста, помеѓу тоа која и како гласа за претседател и кој и како гласа за партиите. Јас ги повикувам граѓаните, што значи дека нема тука разлика меѓу мене и останатите. Меѓутоа ако ги слушаме лидерите и на другите партии гледаме дека не само што повикуваат, туку и поставуваат услови“,
рече Силјановска-Давкова.

Пендаровски потсети дека во трката за нов шеф на државата обајцата собирале граѓански потписи за да покажат дека имаат граѓанска компонента за претседателската кандидатура, но Силјановска-Давкова била кандитирана само со партиска поддршка.
„Госпоѓата Силјановска ги отфрли тие 20 и нешто илјади потписи колку и да беа и отиде само со потписи на пратениците. Сосема е логично партискиот лидер кој ја предложи за кандидатурата, да договара поддршка со другите партиски лидери за неа во вториот круг. Бидејќи не е граѓански поддржана, туку од партиите, логично е дека партискиот лидер ги прави тие меѓупартиски, меѓулидерски договарања“,
рече Пендаровски.
Ваквиот забелешки на нејзиниот противкандидат, Силјановска-Давкова ги оцени како хипокризија и цинизам.