Претседателот зборува и за тоа што ги очекува граѓаните во однос на енергетската и економската криза, за што вели дека периодот што следи ќе биде многу тежок за државата, но излезот и стабилноста на електроенергетскиот систем во земјава го гледа во регионалното вмрежување и во помош во рамки на иницијативата Отворен Балкан
Прв ќе излезам на гласање на евентуален референдум и тоа изутрината во 7 часот на гласачките места доколку прашањето гласи: „Дали сте за тоа Северна Македонија да стане членка на Европската Унија?“, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Слободен печат“.
Партијата Левица денеска до архивата во Собранието го достави барањето за спроведување задолжителен референдум на државно ниво, на кој, доколку се одржи, граѓаните би одговарале на прашањето „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“, а во коментар за иницијативата Пендаровски оценува дека тоа е збунувачко и нејасно.
„Прашањето кое Левица сака да го употреби во референдумското изјаснување е збунувачко и нејасно за граѓаните. Истото го повторувам периодов кога станува збор за референдум и кога ваква слична иницијатива поднесе и ВМРО-ДПМНЕ. Против сум вакви прашања кои сега Левица ги пласира во кои содржат збунувачка содржина“,
вели Пендаровски.
Излез од енергетската криза е во регионално вмрежување и помош преку Отворен Балкан
Во интервјуто тој зборува на повеќе теми, меѓу кои и енергетската и економската криза, па на прашањето што ги очекува граѓаните претседателот вели дека периодот што следи ќе биде многу тежок за државата, но излезот и стабилноста на електроенергетскиот систем во земјава го гледа во регионалното вмрежување и во помош во рамки на иницијативата Отворен Балкан.
„Договорот, што сè уште е во подготовка, Србија да ни помага со природен гас, а ние да ѝ помогнеме со струја, иако не е направен во рамките на Отворен Балкан го гледаме како шанса за енергетска стабилност на земјава. Сепак, тука сакам да истакнам дека Србија е во теснец во договорот со руски Газпром, бидејќи овој енергетски гигант ги бара сите детали – од испорачувањето на енергенсот, па се до тоа кој ќе биде последниот корисник. Тука постојат правни дилеми кои се обидуваме да ги пребродиме со цел граѓаните, но и компаниите бидат задоволни, а државата да го преброди овој тежок период“,
вели Пендаровски.
Целото интервју можете да го погледнете ТУКА.