Поништувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија би ја запрело евроинтеграцијата на земјава и би било исто, вели Пендаровски, како да веруваме оти може да го поништиме Преспанскиот договор со Грција, а да веруваме дека може да останеме членка на НАТО
Одговарајќи на новинарско прашање дали би иницирал средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија покрена постапка за референдум за прекинување на важноста на Договорот со Бугарија, претседателот Стево Пендаровски кажа дека секој што посакал да разговара со него за кое било прашање тоа го добил и нагласи дека и тој како претседател иницирал средби и разговори со сите политички чинители.
„Останувам отворен за разговори за кое било прашање што ги тангира интересите на државата и пред сè интересите на граѓаните. Меѓутоа, во однос на ова ваше прашање, мојот став е познат, а го соопштив вчера на македонската јавност“,
рече Пендаровски.
Во таа насока, Пендаровски уште еднаш го повтори својот став во врска со референдумот посочувајќи дека не може да разговараме за европски интеграции ако не сакаме да имаме договори за добрососедство со соседите.
Поништувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија би ја запрело евроинтеграцијата на земјава и би било исто, вели Пендаровски, како да веруваме оти може да го поништиме Преспанскиот договор со Грција, а да веруваме дека може да останеме членка на НАТО.
„Ова не е мој ад хок став, тоа е втемелено на аргументи и на процес на размислување до што може да доведе ако тој референдум биде успешен. Значи, да немаме илузии, билатералните договори со соседите и добрососедските односи како што ги именуваат во ЕУ се еден од клучните предуслови, секогаш и биле, за интеграција на која било држава не само од овој регион, туку на целиот посткомунистички свет по 1990 година“,
изјави Пендаровски.
Претседателот своето неподдржување на референдумот го искажа и вчера кога посочи оти на него ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ.
Пендаровски во одговор на новинарско прашање дали e можно ако се даде поддршка за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ да се добие компензација за уставните измени, рече дека „освен што такво нешто е крајно неморално и никој нормален тоа не го размислува да го направи, исто така едното го исклучува другото“.
По вчерашната изјава на претседателот, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го нарекоа слуга на Владата и рекоа дека ова е прв случај во историјата претседател на демократска држава да не сака да го слушне народот.
Лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски денеска напладне во Државната изборна комисија ќе достави иницијатива за одржување задолжителен референдум со прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија?“
