Вакцинацијата на населението и повторното отворање на границите за туристи ќе придонесат за враќање на економиите на „старите патеки“ пред пандемијата, како и за подобрување на билатералната соработка, по штетите што ги претрпеа двете држави, порача претседателот Стево Пендаровски на денешната деловна средба на македонски и хрватски бизнисмени која се одржува во Загреб. Претседателот Пендаровски истакна дека пандемијата им нанесе огромни штети на економиите во двете држави и изрази надеж дека погодените сектори, како што е туризмот, многу бргу ќе се вратат во нормала.
„Без вакцинација, нема сигурен развој на економијата и враќање во она што било претходно. Вашите проценти се нешто повисоки од нашите, но можам да кажам дека и кај нас во Северна Македонија има значително помасовна фаза на имунизацијата и очекувам дека во следниот месец и половина ќе дојдеме над половично мнозинство на вакцинирани, така што вратите пополека се отвораат за враќање на старите патеки“,
изјави Пендаровски.
Бројките во трговската соработка во изминатата година се намалени, рече Пендаровски, но намерата на бизнис-заедниците од двете страни во неколку клучни сектори е таа да биде и над нивото од пред пандемијата.
„Оптимистичките сценарија за македонската и хрватската економија се дека четвртиот квартал може да донесе поголеми стапки на економски раст и да биде предвесник на она што ќе се случува следната година кога би можело да очекуваме целосно враќање на економскиот потенцијал, на она што беше пред 2020“,
рече Пендаровски.
Пендаровски нагласи и дека за бизнис-секторот многу значајни се стабилноста и интегритетот на институциите и владеењето на правото, а најважно е корупцијата да се сведе на најниско можно ниво за странските инвеститори и бизнисмени да доаѓаат во држава која има предвидлива бизнис-клима. Според него, со членството во НАТО, Северна Македонија е ставена на мапата на земји со предвидлива иднина во која може бизнисмените да инвестираат.