На свечената вечера во Претседателската палата во Атина, присуствуваа и министри од грчката Влада, како и претставник на опозициската СИРИЗА
Договорот беше тежок чекор за двете држави, но, го постигнавме во интерес на нашата заедничка иднина, рече Пендаровски
Во оваа посета која ја чекавме цели 30 години дојдовме како ваши пријатели. Денес, за време на сите мои средби уште еднаш се уверив дека напорите кои ги вложуваме во насока на уште поголемо зближување на нашите држави и народи, се двострани и искрени, рече претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, за време на официјалната свечена вечера во негова чест во Претседателската палата во Грција, јави МИА.
Претседателот за време на здравицата, го изрази задоволството што е првиот претседател на Република Северна Македонија кој во тоа својство ја посетил Грција, а се осврна и на новата ера на соработка, веќе трета година по ред, по потпишувањето на Преспанскиот договор, како што рече, со кој успеавме да затвориме едно компликувано прашање во нашите односи.
„Договорот беше тежок чекор за двете држави, но, го постигнавме во интерес на нашата заедничка иднина“,
рече Пендаровски.
Тој додаде дека она што стана реалност потоа е нашето членство во НАТО, каде што сме веќе и формални сојузници, посветени на промовирање и одбрана на заедничките вредности, а во функција на стабилноста и просперитетот на регионот и на целата евро-атлантска зона.
„Постигнавме видливи резултати за краток период и покрај сите предизвици. Речиси и да не постои сфера каде што немаме заеднички интерес за прогрес. Длабоко сум уверен дека во периодот што претстои ќе го зголемиме обемот на трговска размена и инвестиции. Сите овие изминати години релациите меѓу двете бизнис заедници не прекинаа. Време е ние сега да креираме подобри услови за нивна уште поголема соработка. Дозволете уште еднаш искрено да се заблагодарам за континуираната грчка поддршка за процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија, каде што и покрај сите блокади со кои сме соочени, вие сте наш доследен поддржувач и промотор“,
рече претседателот.
Истакна дека со грчката претседателка имаат толку многу теми за разговор, што искрено посакува што побрзо да ја види во Скопје, поканувајќи ја да ја посети Северна Македонија за да ги запознае нашите природни убавини, но и да се продолжи со конструктивните разговори.
Шефот на државата и неговата сопруга, пред вечерата, во присуство на претседателката на Грција и нејзиниот партнер се потпишаа во книгата на гости.
На свечената вечера во Претседателската палата во Атина, присуствуваа и министри од грчката Влада, како и претставник на опозициската СИРИЗА.