„Моја проценка е дека ќе има 40 проценти и тоа не би требало да биде проблем ако им се дозволува на сите гласачи слободно да ја искажат својата избирачка волја. Ако се прави вака како што слушам дека се прави во некои делови од земјата, тогаш освен што не е демократски доаѓа и во прашање дали ќе стигнеме до 40 проценти. Но, и ако има организирани опструирања на изборниот процес од овој тип, велам ако има, јас мислам дека сигурно ќе има 40 проценти на крајот на денот“, рече Пендаровски

ФОТО: Фејсбук-профил на Стево Пендаровски
Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски, по денешното гласање на избирачко место во Автокоманда во Општина Гази Баба, рече дека изборите поминуваат во мирна атмосфера, но оти има информации дека во некои изборни единици постојат обиди за организиран бојкот.
Според Пендаровски, на некои места во некои општини имало неприфаќање на второто ливче за претседател.
„Се надевам дека изборите мирно и ќе завршат, како што личи на држава која веќе три и пол децении е во демократија. Има информации дека на некои места, во некои општини, во некои изборни единици постојат обиди за организиран бојкот, значи за неприфаќање на второто ливче за претседател. Ако тие информации се точни, јас би сакал да ги осудам однапред затоа што мислам дека не приличи на една демократија ако се ограничува правото на избор на луѓето кои дошле на гласачко место. Кој дошол на гласачко место, треба спрема сопствена волја да реши дали ќе гласа на двата избора или на едниот избор“,
рече Пендаровски.
Засега, како што рече Пендаровски, тоа се информации кои не се потврдени.
„Ако се потврдат, тоа не зборува добро за состојбата на македонската демократија. Јас се надевам дека до крајот на денов ќе остане мирно. Процесот ќе биде транспарентен и сите учесници на изборниот процес и по завршувањето на гласањето во 19 часот ќе го дочекаат пребројувањето на резултатите и ќе честитаат на изборните победници“,
додаде Пендаровски.
На прашањето дали е оптимист по резултатите од првиот изборен круг, Пендаровски рече дека секогаш бил оптимист и додаде дека гласовите од кандидатите кои отпаднаа на 24 април, кои се околу 330 илјади гласа, се повеќе и поблиски до неговиот политички концепт кој го застапува. Меѓутоа, како што рече Пендаровски, овие информации кои ги спомнав, ако се покажат за точни, одат кон оштетување на моите потенцијални избирачи.
Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека според неговата проценка ќе има 40 отсто излезеност во вториот круг.
„Тоа мислам е уставна и законска обврска. Моја проценка е дека ќе има 40 проценти и тоа не би требало да биде проблем. Ако им се дозволува на сите гласачи слободно да ја искажат својата избирачка волја. Ако се прави вака како што слушам дека се прави во некои делови од земјата, тогаш освен што не е демократски, тогаш доаѓа во прашање дали ќе стигнеме до 40 проценти. Но, и ако има организирани опструирања на изборниот процес од овој тип, ако има велам, јас мислам дека сигурно ќе има 40 проценти на крајот на денот“,
рече Пендаровски.
Прашан дали очекува влошување на односите со соседите членки на ЕУ и со Бугарија, Пендаровски изјави дека не може да предвиди.
„Не можам да предвидам затоа што треба да видиме тие што ќе дојдат на власт, од денес, од утре натаму, новиот парламент, новата влада како ќе се постават кон тоа прашање. Меѓутоа вие можете многу добро да процените врз основа на ставовите коишто сме ги изнесувале во однос на македонско-бугарските релации во изминативе три, четири, пет години и многу добро знаете дека на другата политичка страна од мојата се поригидни националистички ставови по тоа прашање“,
додаде Пендаровски.