Пендаровски го искритикува Мицкоски што поради инаетење имале замрзнати односи повеќе од девет месеци
Целта на средбата не беше да се направи притисок врз судството, ниту е точно дека заговарам ревизија на судските пресуди, туку зборувам за несоодветните политичките интерпретации на осудените за упадот во Собранието на 27 април, како уставобранители или терористи, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски, по средбата во вила „Водно“ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој на средбата, како што рече, го повторил ставот дека помилување на лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, зашто нивната вина во тој процес неспорно била утврдена во судски процес.
„Мојот став – дека кога има нови докази кои порано не биле познати може да го преотвори процесот, не значи дека заговорам реотворање на процесот. Јас само ја цитирам одредбата од законот и законската можност според која тие луѓе преку своите адвокати во вонредно правен лек можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, ако такви воопшто постојат и одлуката дали процесот ќе се повтори сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот“
изјави Пендаровски.
Според Пендаровски, околу темата за „27 април“ со Мицкоски разговарале кратко, а поголем дел од времето посветиле на други политички прашања. Пендаровски, како што кажа, го информирал Мицкоски за евроинтегративниот процес на земјава и го искритикува што поради инаетење имале замрзнати односи повеќе од девет месеци.
„За една демократија не е својствено да постои прекин на комуникациите меѓу институциите.Платени сме од граѓаните да комуницираме, а не да тераме инает или личен каприц. Од тој апсект мислам дека изминативе месеци беа изгубено време, но сепак е подобро отколку да изгубите три години. Средбата беше на барање на Мицкоски и во телефонскиот разговор тој бараше да разговараме за проблемите и предизвиците со кои се соочуваме последнава година. Јас го информирав за тоа што се случува во однос на блокираните евроинтеграции и му реков дека од Софија не доаѓаат никакви новости поради нивната ситуација со закажувањето нови избори и му кажав што за целата ситуација мислаат нашите европски пријатели во Брисел“,
додаде Пендаровски.