Претседателот Стево Пендаровски не планира да свика лидерска средба, велат од кабинетот на шефот на државата, откако премиерот Зоран Заев денеска најави средба на партиските лидери до крајот на годината, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека нема да учествува ако ја организира претседателот Пендаровски.
„И самиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјавата за медиумите вели дека претседателот на државата не е лидер на политичка партија, а тој бара свикување средба со лидерите на партиите“,
истакнуваат од кабинетот на Пендаровски за МИА.
Премиерот Заев на денешната прес-конференција по повод 100 дена Владата рече дека очекува претседателот Пендаровски да свика ваква средба, а доколку тоа не се случи, тој самиот ќе ја иницира.
Мицкоски, пак, рече дека би учествувал само на средба што би ја свикал Заев и на која би се прифатиле евентуалните дополнувања на темите што ќе ги предложи опозицијата.
И Заев и Мицкоски се согласни дека на лидерската средба треба да се разговара за корона-кризата, евроинтеграциите и други прашања од интерес на граѓаните.