Војната секако го стави фокусот на геополитиката, но не сум баш сигурен дека воопшто го врати фокусот на демократијата, барем на континентот, кажа претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање од сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“, која е дел од од „Преспа форумот за дијалог“. Бавното темпо на процесот на интеграција во ЕУ, додаде претседателот, е закана за демократијата и мирот на Балканот
Ако војната во Украина е поводот ЕУ да го врати интересот за проширувањето кон Западниот Балкан, тогаш природно се наметнува прашањето – што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши? Дали ќе се вратиме на вообичаеното, што значи помалку внимание за Западниот Балкан и тоа не само во однос на проширувањето?
Ова е дел од обраќањето на претседателот Стево Пендаровски на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“, која е дел од од „Преспа форумот за дијалог“ што вчера и денеска се одржува во Струга.

Говорејќи во оваа насока, Пендаровски кажа дека не би сакал војната во Украина да биде поттик за нешто позитивно што би требало да се случи.
„Војната секако го стави фокусот на геополитиката, но не сум баш сигурен дека воопшто го врати фокусот на демократијата барем на континентот. Според мене, војната во Украина беше предизвикана од размислувањето и желбата да се врати поранешниот сојуз бидејќи во суштина ова е војна за територија. ЕУ според мене не ја разгледува оваа дихотомија, како што е именуван насловот на овој панел ‘демократија против автократија’, и се согласувам дека многу истражувачи, институции и практичари со години го документирале уназадувањето на различни делови на континентот и целиот свет на автократија, но тоа не е поврзано со војната во Украина“,
истакна претседателот Пендаровски.
Бавното темпо на процесот на интеграција во Европската Унија, смета претседателот, е закана за демократијата и мирот на Балканот. Забележа дека е време за преговорите со ЕУ и напредок на демократијата.
„Преговарачкиот процес ги унапредува демократските процеси во земјите кандидати, додека без надзорот од ЕУ назадувањето е очигледно, а во многу случаи и неизбежно. Предолгото чекање за членство во ЕУ може да доведе до тоа луѓето да бараат алтернативи и да дојде до остар пад на поддршката за членство во Унијата, а без пристапниот процес се јавува повеќе простор за малигни влијанија поради фактот што земјата кандидат не е дел од заедничките механизми за размена на информации и управување со кризи“,
кажа претседателот во обраќањето на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ во рамки на „Преспа форумот“.
За да видиме системски и неповратен напредок, додаде шефот на државата, потребна ни е рамка со најмалку пет компоненти – правна, политичка и економска, безбедност и разузнавање. Според Пендаровски, Европската Унија е солидна рамка за првите три, а НАТО за последните две компоненти.

Говорејќи за тоа што евроатлантската заедница треба да направи за да ја поддржи демократијата на Балканот, Пендаровски кажа дека еднократните настани не можат да ја одржат демократијата, туку можат да служат само како поттик и не можат да бидат основата на заедничките заложби на демократијата.
На сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“, покрај домаќинот, претседателот Пендаровски, учествуваат и претседателите на Хрватска, Зоран Милановиќ, на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и на Албанија, Бајрам Бегај, а видеообраќање имаше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
