Поглаварите и претставниците на верските заедници упатиле апел до верниците за внимателно и одговорно однесување и почитување на препораките од здравствените власти
За претстојните велигденски и рамазански празници и условите во кои поради пандемијата на ковид-19 и оваа година ќе биде неопходна претпазливост на верниците при празнувањето во верските објекти во државата разговарал денеска претседателот Стево Пендаровски на средба со лидерите на верските заедници во земјава.
На средбата во претседателската резиденција присуствувале поглаварите на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан; поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху; бискупот и епарх скопски и струмички, Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква, Марјан Димов, како и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, укажал на важноста на улогата на поглаварите на верските заедници, како во негувањето на соживотот што е важен предуслов за просперитет и напредок на државата така и на важноста на нивните постапки во време на пандемијата на ковид-19.
Поглаварите и претставниците на верските заедници упатиле апел до верниците за внимателно и одговорно однесување, сериозно и безусловно почитување на мерките и препораките од здравствените власти, за да се заштитат себеси и оние што ќе одлучат оваа година да ги посетат храмовите по повод празниците, како и за неопходноста од вакцинација на граѓаните, се наведува во соопштението од средбата.
Пендаровски, како што велат од кабинетот, ги повика сите граѓани на одговорно и совесно однесување за време на празнувањето на претстојните верски празници.
