На средбата со тројцата министри, претседателот Стево Пендаровски истакнал дека државата останува посветена на започнатиот преговарачки процес и на спроведувањето на сите неопходни реформи, посочувајќи дека членството во ЕУ е стратешки интерес и неопходна е силна политичка волја од сите политички фактори за исполнување на преземените обврски
Преговарачкиот процес на Северна Македонија за членство во Европската Унија, имплементацијата на задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка, како и можностите за забрзување на евроинтеграцијата на земјава. Ова биле теми на разговор на средбата на претседателот Стево Пендаровски со министерката за Европа на Германија, Ана Лирман, државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Лорeнс Бун и министерот за Европска Унија на Полска, Шимон Шинковски вел Сенк, познати како „Вајмарска тројка“.

Како што соопшти кабинетот на Пендаровски, претседателот истакнал дека државата останува посветена на започнатиот преговарачки процес и на спроведувањето на сите неопходни реформи, посочувајќи дека членството во ЕУ е стратешки интерес и неопходна е силна политичка волја од сите политички фактори за исполнување на преземените обврски.

Покрај неопходните уставни промени, била нагласена важноста од владеење на правото, изградба на функционална правна држава, како и поуспешна борба со организираниот криминал и корупција.

Соговорниците на средбата размениле мислења и за актуелните политички случувања во земјава и регионот, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.
Тројцата министри попладнево се појавија на прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во улога на домаќин. „Не сме дојдени само да ги повториме условите, туку и да оддадеме признание за досегашните напори на Северна Македонија на патот кон Европската Унија“, порачаа тие и додадоа дека 2030 година е реална цел за членство на Северна Македонија во ЕУ.
„Вајмарската тројка“ имаше средба и со премиерот Димитар Ковачевски кој им се заблагодарил за огромната поддршка, како и за силното охрабрување до сите партии претставени во парламентот, да продолжат да работат конструктивно на изградбата на меѓупартиски консензус за слединиот чекор во преговарачкиот процес – уставните промени.
Претходно денеска, „Вајмарската тројка“ се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која тој им посочил дека неговата партија недвојбено се залага за членство на Македонија во Европската Унија – со силно зачуван и зајакнат идентитет, јазик, култура и вредности, но и дека уставни промени во околности на политички диктат од соседството се неприфатливи.