Претседателот зборувал и за можностите за исчекор на државата во евроинтеграциите, во контекст на новата методологија за водење на пристапниот процес
ЕУ интеграциите на земјата, во пресрет на Советот на ЕУ во јуни 2021 година, ситуацијата во регионот на Западен Балкан, пандемијата со ковид 19, како и годишнината од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, беа во фокусот на состанокот на претседателот Стево Пендаровски со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во земјите членки на ЕУ и постојаните мисии во ЕУ и во НАТО.
Пендаровски, на состанокот, зборуваше за можностите за исчекор на државата во евроинтеграциите, во контекст на новата методологија за водење на пристапниот процес, како и за билатералните прашања врзани со добрососедските односи, соопшти кабинетот на претседателот на државата.
Од нашите дипломати, претседателот побарал активен ангажман во претстојниот период, укажувајќи на потребата од константно детектирање на можностите за унапредување на билатералната соработка со државите во кои се акредитирани.
Во однос на годишнината од зачленувањето во НАТО, Пендаровски истакнал дека државата ќе го продолжи процесот на доопремување и модернизација на Армијата и на безбедносните структури. Тој се осврнал и на нашето учество во мировни мисии и иницијативи што сега се на листата на интерес на Алијансата.