Денес, вели шефот на државата, исправени сме пред нови, наметнати предизвици, но во духот на европските вредности и нашето начело да ги почитуваме различностите, додава тој, ќе продолжиме да го истакнуваме нашето свето обележје, нашата инаквост, нашиот идентитетски стожер
Македонскиот јазик е наше основно човеково право, право на самоопределување и самоизразување, вели претседателот Стево Пендаровски во неговата порака по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Денес, вели тој, оддаваме почит на нашата особеност, на нашиот идентитетски темел и лингвистичка гордост.
„Македонскиот јазик, афирмиран во светот, има сопствено место во словенското јазично семејство, благодарение на генерациите пред нас кои нè задолжија да го негуваме преку неговото писмо, кое токму денеска го чествуваме. Не смееме никогаш да ја забораваме борбата на нашите предци за докажување на посебноста на македонскиот јазик и за правото на неговата употреба која била тешка и исцрпувачка. Не помалку лесна е и денес, исправени пред нови, наметнати предизвици, но во духот на европските вредности и нашето начело да ги почитуваме различностите, ќе продолжиме да го истакнуваме нашето свето обележје, нашата инаквост, нашиот идентитетски стожер. Вековната писмена традиција што нам ни ја оставија, претставува најголемото сведоштво за посебноста на македонскиот јазик“,
пишува во пораката од Пендаровски.
Како што додава претседателот, обврска да го чуваме и негуваме македонскиот јазик не е само долг кон нашите предци, туку и кон нашите потомци, кон културното наследство на човековата цивилизација и влог во нашата единствена татковина како дел од европскиот културен простор.
Честитката шефот на државата ја завршува со цитат од Мисирков: „Милоста кон народнијо јазик јет наш долг и наше прао. Није сме должни да милуаме нашијот јазик, зашчо тој јет наш исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни.“