Положбата на ЛГБТИ луѓето во земјава е сè уште на незавидно ниво, многу од нив живеат во страв за општествената прифатеност и социјална положба, вели претседателот Стево Пендаровски во неговата порака по повод 17 мај-Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобија.
Борбата за права, порачува тој, треба да продолжи додека и најранливиот меѓу нас не ги ужива основните човекови права и додека не прифатиме дека живееме едни со други независно од нашите разлики.
За жал, овој Меѓународен ден, вели претседателот, го дочекуваме по одлуката на Уставниот суд да го укине Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој стапи на сила пред една година.
Затоа, тој очекува идниот парламентарен состав, веднаш по конституирањето да го стави Законот како една од приоритетните точки во својата работа.
„Како земја која има аспирации да биде дел од семејството на современите евроатлантски демократии, не смееме да дозволиме да немаме ефикасна законска рамка која ќе ги штити маргинализираните заедници, соодветно на вредностите на отворено и демократско општество“,
вели Пендаровски.
Укинатиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, потсетува тој, беше огромен исчекор забранувајќи секаква дискриминација и со него се обезбедува професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, преку зголемување на нејзината независност и надлежност.
