„Овде не станува збор за странци кои ќе учествуваат на наши избори бидејќи тоа е недозволено. Сите тие луѓе кои се споменуваат во медиумите како негови луѓе се државјани на Република Северна Македонија и имаат право да учествуваат на избори. А политичка поддршка, господинот Курти може да биде кому сака бидејќи тоа со години наназад го прават Партијата на европски социјалисти на оние партии што тие ги поддржуваат тука и Европската народна партија за десните партии во Македонија“, рече шефот на државата
Господинот Курти може да биде политичка поддршка кому сака бидејќи тоа со години наназад го прават Партијата на европски социјалисти на оние партии кои тие ги поддржуваат тука и Европската народна партија за десните партии во Македонија. Ова денеска го изјави претседателот Стево Пендаровски при посетата на Државниот универзитет во Тетово, прашан за коментар за честите посети на косовскиот премиер во земјава, но и за изјавите на трите опозициски партии на Албанците обединети во „Европскиот сојуз за промени“ кои неодамна најавија дека на нивните листи ќе има имиња на партијата на Албин Курти – Самоопределување.

„Досега странци давале поддршка за политичари во Северна Македонија, па тоа не е проблем да го прави и косовскиот премиер Албин Курти“,
вели шефот на државата.
Според него, не е спорна неговата поддршка на луѓе кои се македонски државјани.
„Овде не станува збор за странци што ќе учествуваат на наши избори бидејќи тоа е недозволено. Сите тие луѓе кои се споменуваат во медиумите како негови луѓе се државјани на Република Северна Македонија и имаат право да учествуваат на избори. А политичка поддршка, господинот Курти може да биде кому сака, бидејќи тоа со години наназад го прават Партијата на европски социјалисти на оние партии кои тие ги поддржуваат тука и Европската народна партија за десните партии во Македонија“,
изјави Пендаровски.
Пендаровски не сакаше да ја коментира изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ кој пред неколку дена рече дека Курти сака да ја победи ДУИ во Македонија, со образложение дека не сака да зборува за изјави на странски државници кои веројатно имаат некоја својата домашна агенда.
Минатиот викенд Курти беше во посета на Скопје. Тоа го потврди и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и рече дека косовскиот премиер е во посета на државата и дека присуствувал на регионалниот состанок со Партијата на европски социјалисти (ПЕС), што се одржа денеска во седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Скопје.
Радио-телевизија Косово повикувајќи се на извори од косовските безбедносни служби објави дека имало план за атентат врз косовскиот премиер Албин Курти, за време на неговата посета на Скопје.
Атентатот, како што се наведува, бил подготвуван од српски структури. Курти во изјава за косовските медиуми потврдил дека имало закани од поединци и структури, кои според него, имаат корени од официјален Белград.
Македонското МВР ги демантираше наводите за атентат за Курти.
На крајот на јануари годинава лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за Радио-телевизија Косово (РТК) го повика косовскиот премиер Албин Курти јасно да даде до знаење дали неговата партија Самоопределување ќе учествува на парламентарните избори што на 8 мај ќе се одржат во земјава.
Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, во емисијата „360 степени“ прашан зошто како опозициска коалиција избраа политички да му се потчинат на косовскиот премиер и да прифатат негова патерналистичка улога рече дека тие не му се потчинети на Курти, туку соработуваат со него.
„Јас сметам дека г. Курти е најпроевропски Албанец. Г. Курти е човек на власт кој најмногу ја сака Европа… Тој е и проамерикански бидејќи моментално тој е најнекорумпиран политичар, кој најмногу верува во западните европски вредности… Во пракса г. Курти е многу поовеќе проевропски отколку г. Рама и другите албански функционери. Така што, Курти ја сака својата земја, својот народ и работи 24 часа на ден за неговата земја да биде во европското семејство“.
рече Касами
