Поделбите по етничка и политичка линија, немањето судска завршница на крупните корупциски случаи, бегството на креаторот на режимот и неотпорноста на судството на влијанија, како и повикот за национален консензус против загадувањето и иселувањето беа главни теми на кои претседателот на државата Стево Пендаровски говореше денеска во своето прво годишно обраќање во Собранието.
„Пред мене, но и пред сите нас стои огромна работа бидејќи поделбите меѓу граѓаните, на кои некои работеа со години, сè уште се длабоки. Ако порано и денес тоа одеше и оди по линија на етничката припадност, во последната деценија поделбите и меѓу Македонците драматично се продлабочија“, рече Пендаровски пред пратениците.
Притоа, како што кажа, не зборува за политичките разлики кои легитимно постојат во секоја демократија, туку за непотребното трошење на енергијата и потенцијалот на општеството кои мораат да бидат обединети околу неколку стратегиски важни работи на кои, како што рече, ќе инсистира и за кои ќе предложи модели за постигнување поширок државен консензус.
„Граѓанското помирување за кое зборував на мојата инаугурација нема да се случи само по себе ако никој не понуди конкретни платформи за дијалог меѓу засегнатите страни“, рече Пендаровски.
Како позитивен пример ја посочи лидерската средба со парламентарните партии по неповолниот исход на последниот европски самит, која, како што рече, била прва без посредство од меѓународната заедница.
„Таа покажа дека поседуваме доволно домашен потенцијал во битни историски моменти да се обединиме за битни прашања. Наспроти сите политички разлики меѓу власта и опозицијата, кога беше најважно, со широк консензус, беа донесени неколку круцијални двотретински закони во сферата на судството, антикорупциското законодавство и реформата на безбедносниот систем“, рече Пендаровски.
Најави дека следна средба што ќе ја организира ќе биде со навивачките групи во кои има млади со различна етничка припадност, на која ќе присуствуваат и неколку учесници и сведоци од конфликтот во 2001-та, кои тогаш беа на различни страни.
„Мојата цел е на овие млади луѓе, преку директни примери, да им ја покажеме, од една страна цената на насилството, а од друга вредноста на дијалогот и дебатите и за најтешките прашања со кои сме соочени во нашата заедничка земја“, рече Пендаровски.
Тој констатира дека старите поделби по етничка и партиска линија не се надминати, а на дневна основа веќе се гледаат и нови поделби во однос на лицата со попреченост, различната сексуална ориентација и родовиот идентитет, па порача: „Сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество“.
„Ниту една промена на подобро не се случила затоа што јавноста или средината биле подготвени за тоа, туку затоа што некој активно работел за тие промени да се случат. Против предрасудите и стереотипите треба да се бориме сите, но, да не се лажеме, одговорноста да се биде во првите редови на таа борба лежи пред сè врз нас, избраните политичари“, истакна претседателот на државата.
Законот за јазици нема потенцијал да ја дестабилизира земјата
Во врска со Законот за јазиците, Пендаровски рече дека треба да се појасни дека Венециската комисија, која е составена од врвни европски правници, не констатирала дека Законот е спротивен на нашиот Устав, бидејќи за тоа воопшто не е надлежна, ниту дека на Албанците им се дадени премногу права. Напротив, нашата земја се истакнува како пример на држава која оди и подалеку од високите европски стандарди во оваа област.
Она што се констатира е дека нашата земја во овој момент не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управните постапки. Но, како што рече Пендаровски, „според нашите стари лоши навики, го прочитавме исклучиво преку политичка и етничка диоптрија“.
„Законот нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат. Со други зборови, каква корист од Законот ако неговите одредби останат само на хартија“, истакна Пендаровски.
Креаторот на режимот избега, а првиот човек на СЈО е еден од обвинетите во „Рекет“
И покрај напредокот што според Пендаровски е реален во изминатите три и пол години на полето на евроинтеграциите, тој ја нагласи генералната перцепција кај граѓаните дека тој напредок е недоволен, односно малкумина од оние што настапуваа со слоганот „Нема правда, нема мир“, како генератор на демократски промени, преку примери не се убедени дека правдата пристигна.
„Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и притоа ниту една институција не кажа јавно како такво нешто воопшто беше возможно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера ‘Рекет’ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше имено формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците“, истакна претседателот Пендаровски.
Како една од причините за тоа Пендаровски го посочи правосудниот систем, кој, како што рече, не развил отпорност кон надворешни влијанија.
„Безмалку три децении сме независна држава, а ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргините, без релација со некоја власт, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе ‒ домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет“, рече Пендаровски.
На следната власт ѝ порача дека веднаш по изборите треба да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво кај политичарите, а секој кај кого ќе е утврди дека со државна плата станал милионер треба веднаш, не само да си поднесе оставка туку и кривично да одговара.
Храбри чекори за затворање на политичките спорови од минатото
Договорите со Бугарија и Грција, претседателот Пендаровски ги нарече храбри политички чекори, со цел да се затворат политичките спорови со историска димензија, кои можеле да ги направат само политичари со визија во сите три држави во тие моменти С.Македонија, Грција и Бугарија.
Потсети дека се работело за тешки компромиси без кои, како што рече ќе, било уште потешко со нејасна иднина на долг рок.
„Ние во врска со тоа имаме две обврски, прво да ги почитуваме договорите, затоа што тоа е една од најважните меѓународни облигации на секоја сериозна држава, второ да инсистираме на доследна имплементација на обврските и од другата страна бидејќи договорите не содржат само обврски за нас, а само права за нив“, истакна шефот на државата додавајќи дека во однос на Договорот со Бугарија уште со потпишувањето на ова политичко водство му беше јасно дека во годините пред нас ќе мора отворено и без комплекси да се влезе во разговори за т.н. бели петна или историските периоди и личности кои во комунизмот биле намерно заборавени или еднострано презентирани и објаснувани во јавноста и на двете држави.
„Ние сме апсолутно подготвени да ги соочиме аргументите за одредени историски контроверзии поврзани со различните толкувања на еден ист настан или личност, исто така сме подготвени за заеднички напори насочени кон деидеологизација на историјата, меѓутоа, правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе биде надвор од каква било дебата бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси“, истакна шефот на државата.
Во однос на регионалната соработка, ги спомена иницијативите за „мал Шенген“ и претходната за балкански Бенелукс, за што истакна дека не се можни без целосно вклучување на сите шест, а не само на три земји од Западен Балкан.
Се изјасни и против идеите во „некои центри на светската моќ“ за нова корекција на границите на Балканот, па дури и за размена на луѓе и територии што, според него, би нè вратило назад во раните 1990-ти и ќе предизвика тензии, а најверојатно и нови конфликти.
Национален консензус против загадувањето и иселувањето
Шефот на државата Стево Пендаровски во своето прво годишно обраќање во парламентот повика на национален консензус против загадувањето на животната средина и иселувањето.
Истакна дека одамна му е јасно дека ниту една влада, ниту една локална власт не може самостојно да го реши проблемот со аерозагадувањето во само еден мандат и затоа предложи прашањето да се разгледува настрана од дневната политика, и да се посветат на натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти.
Во својот говор се осврна и на, како што кажа, уште една тема која треба да биде надвор од изборните дебати и меѓупартиски расправии за која треба да се изгради консензус за да се ублажат последиците.
„Ноторен факт е дека огромен број од нашите граѓани, не само младите, засекогаш ја напуштија државата. Иселувањето е една од најголемите закани за безбедноста и иднината на земјата затоа што го намалува биолошкиот супстрат на нацијата од која директно зависи нашиот опстанок и просперитет во сите витални сектори на општеството. Не можам да видам како некој мисли дека би добил политички поени ако вели дека во ‘ваше време’ се иселија 300.000 граѓани, а во ‘наше време’ само 150.000“, рече Пендаровски.
Како трет приоритет во неговата работа за периодот што следува ја издвои дигитализацијата, за што го посочи проектот „МКД 2030“, кој до јуни догодина треба да ја претстави стратегиската рамка за развој на државата во следните 10 години.
На крајот, тој потсети дека напролет земјата ја очекуваат две битни и меѓусебно поврзани одлуки – онаа во Брисел за датумот за преговори и дома, парламентарните избори кои, како што рече, не смеат да бидат под нивото претседателските во однос на слободното и фер гласање, слободата на медиумите и администрација без притисоци.
„Изборната битка не е битка на живот и смрт. Да не заборавиме дека по изборите ќе треба да се погледнеме во очи и да останеме луѓе“, рече Пендаровски завршувајќи го своето прво обраќање во Собранието како претседател на државата.