Кабинетот на претседателот на државата одговара на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ
На средбата на претседателите на политичките партии од власта и од опозицијата кои имаат пратеници во парламентот на 20 октомври 2019 година, која претседателот Стево Пендаровски ја свика за да се оформи заеднички државен став во однос на изнесените идеи во Брисел за алтернативно членство за државите од Западниот Балкан во Европската економска зона, присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, велат од Кабинетот на Пендаровски, по реакцијата од опозициската партија дека тој и премиерот Заев сами ја донеле одлуката да се одбие ваквиот предлог што го нарекоа антидржавен чин.
„На средбата беше постигнат апсолутен консензус и од страна на сите лидери, вклучително и од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше поддржан ставот дека на Република Северна Македонија и е потребно членство во Европската Унија, а не учество во алтернативни облици на соработка со ЕУ, затоа што на земјата покрај економска интеграција и е потребна и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и вредности – владеење на правото, независно судство и медиуми, човекови слободи и права. Во таа насока, сите присутни заклучија дека не треба воопшто да се размислува за алтернативи, туку земјата треба да продолжи со засилено темпо за реализирање на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија“,
се вели во соопштението.
Притоа се нагласува дека ставот на претседателот Пендаровски и тогаш и сега беше дека никаква алтернатива на членство не треба да се прифаќа затоа што полноправното членство во ЕУ подразбира да сте дел и од заедничкиот европски пазар.

Од Кабинетот на Пендаровски појаснуваат дека средбата во октомври 2019 година е одржана откако отворањето преговори со ЕУ за нашата земја беше одложено заради усвојување на новата методологија, по што во Брисел, неофицијално, циркулираше идејата за алтернативно членство за државите од Западниот Балкан во Европската економска зона откако ќе ги исполнат потребните услови за тоа.