Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед во државава.
„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да ви го честитам големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богородица. Чествувајќи го еден од најблагородните и највозвишените празници, Успение на Пресвета Богородица, преку кој се испраќаат суштински пораки од искона па сѐ до нашето совремие, важно е да се потсетиме дека Пресвета Богородица, Божјата мајка е парадигма за сето она по кое што безмерно трага современиот човек: сострадалност, грижа, храброст, стоичност, емпатија, љубов“,
наведува Пендаровски во честитката.
Овој голем празник, посочува претседателот, исто така ни покажува и дека секое искушение треба да го понесеме заеднички и поединечно во смирение.
„Честитајќи го празникот Успение на Пресвета Богородица посакувам да се потсетиме дека само со љубов и храброст какви што ги гледаме во ликот на Божјата мајка, може да чекориме низ животот. За многу години празникот“,
истакнува претседателот Пендаровски.
Честитка по повод празникот до припадниците на православната вероисповед упати и претседателот на Собранието Талат Џафери посакувајќи добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина, меѓусебна почит, разбирање и хармонија.
„Нека овој голем ден кој е во чест на Успението на Пресвета богородица биде денот во кој што ќе најдеме сите човечка сила за взаемно разбирање, во исто време ќе почувствуваме благодарност и почит кон благословите што се излеваат врз луѓето на овој празник. Да се надминеме себеси со тоа што ќе се погрижиме сите да бидеме на исправниот пат, осветлувајќи го и отворајќи го и нашиот ум и нашето срце, затоа што само тогаш ќе знаеме како да го цениме и да го живееме животот како дар во кој царува љубов, радост и взаемна почит. Тогаш ќе можеме да почувствуваме колкава е моќта на животот врз смртта и колку малку треба за да имаме мир и спокој во душата и во државата. Искрени честитки до сите Вас почитувани граѓани, со желба да најдеме сите во себе доволно доблест за правење на добри дела, за негување на позитивни вредности и споделувањето на најдоброто од нас овој и секој друг ден. Ви посакувам убаво поминат празник!“,
наведува Џафери во честитката.