Пендаровски оцени дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но е и патоказ за натамошната работа на институциите и областите во кои ќе треба да се посвети поголемо внимание
Шефот на државата Стево Пендаровски денеска го прими Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година и истакна дека тој има особено значење зашто е прв по почетокот на пристапните преговори на земјава со Европската Унија и почетокот на скринингот.
Пендаровски оцени дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но е и патоказ за натамошната работа на институциите и областите во кои ќе треба да се посвети поголемо внимание.

„Пристапниот процес, според претседателот Пендаровски, налага сите капацитети да бидат насочени кон реализација на потребните реформи и во тој контекст посочи на потребата сите општествени чинители да го дадат својот придонес во овој процес“,
посочуваат од кабинетот на претседателот.
Отворањето на преговорите со Северна Македонија, додаде претседателот, е добра можност Европската Унија да ја демонстрира својата посветеност кон интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како најдобар одговор на растечкиот евроскептицизам во регионот.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година на претседателот Пендаровски му беше предаден од страна на на евроамбасадорот Дејвид Гир.