Претседателот Стево Пендаровски, во пресрет на 2 Август – Денот на Републиката, го посети Јордан Цеков – Дане, учесник во НОБ и командант на 3-та Македонска ударна бригада.
На средбата, Цеков изразил задоволство за можноста во неговиот дом да се сретне и да поразговара со претседателот.
„Цеков потсети на сите премрежја и предизвици со коишто се соочувал народот во минатото, за голем дел од активностите кои тој лично ги предводел, во рамки на антифашистичката борба, притоа потенцирајќи дека со вистинските сојузници секогаш сме ја избирале вистинската страна”,
се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.
На 2 август 1944 година Цеков бил командант на третиот баталјон на Третата Македонска ударна бригада што бил задолжен за непосредно обезбедување на Првото заседание на АСНОМ.
Во повоениот период бил и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија. Автор е на 18 книги коишто сведочат за настаните од минатото и досега има објавено 122 статии во весници и списанија. Низ годините со свои научни трудови бил активен учесник на голем број научни собири поврзани со Народно-ослободителната и антифашистичка војна низ целата држава. Носител е на голем број воени одликувања.