Како што посочи, немал намера да троши зборови за противкандидатот на Филипче во изборната единица 4, мислејќи на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, но сепак рече дека тој целиот живот го поминал на државни или на партиски јасли
Актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски денеска од Радовиш кажа пофални зборови за Венко Филипче, ексминистерот за здравство и носителот во изборната единица 4, како и за неговата работа, посочувајќи дека поради неговите интервенции и дадени дијагнози се спасени многу човечки животи.
Пендаровски рече дека Филипче и за време на ковид-пандемијата, но претходно бил достапен секому, но и дека знаел во 3 по полноќ да се јави и да даде здравствен совет.

„Ќе ми дозволите да кажам два-три збора за д-р Филипче, кој изминатиот период покажа дека и кога не беше на функција се наоѓа секому и беше достапен 24/7. Јас и мојата сопруга, но и моите соработници секогаш сме го барале. Во 3 по полноќ знаел да се јави и да дојде. За него немаше работно време. И не само во корона-периодот, туку и пред 2019 година. И денес да го побарате ќе го најдете. Многу човечки животи се спасени заради неговите интервенции, дијагнози и неговите операции. Просто кажано, станува збор за човек за кој ти е мерак да гласаш“,
рече Пендаровски.
Како што посочи, немал намера да троши зборови за противкандидатот на Филипче во изборната единица 4, мислејќи на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, но сепак рече дека тој целиот живот го поминал на државни или на партиски позиции.
„Нема еден ден работен стаж надвор од тоа. Партијата му давала работа, партијата му давала плата. Ако не е партијата, не може да заработи за леб. Тој е сосема различен од нашиот Венко Филипче кој сега да посака може да биде хирург секаде во светот, а за еден месец да заработи повеќе од годишна плата и на пратеник и на министер и на претседател“,
вели Пендаровски.
Ексминистерот за здравство и носител на пратеничката листа во изборната единица 4 на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“, Венко Филипче, пред неколку дена на почетокот на изборната кампања за претстојните парламентарни избори на својот фејсбук-профил објави видео во кое тој одговара на прашањето зошто повторно се враќа во политиката, кога сите велат дека местото на докторите е во здравствениот систем и во операциона сала.
Ексминистерот на почетокот на видеото вели дека секогаш ќе работи со пациенти и ќе оперира во операциона сала, како и дека тоа не престанал да го работи и кога бил министер за здравство.
Според него, предноста е што како пратеник ќе може да им помогне на многу поголем број пациенти и на негови колеги здравствени работници.
„Човек со две раце и само 24 часа во денот може да помогне само на одреден број на луѓе. Како пратеник, преку креирање на закони, реформи и унапредување на здравствениот систем може да се помогне на многу поголем број на пациенти“,
рече носителот на пратеничката листа во ИЕ 4.
Така, како што вели, неговата основна цел ќе добие национални димензии.
„А, јас, секогаш и со истата жар, ќе работам со пациенти и во операциона сала“,
рече Филипче.