По повод 30-годишнината на Армијата на Северна Македонија, претседателот и врховен командант на вооружените сили на Армијата Стево Пендаровски денеска ги одликуваше со Орден за воени заслуги првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата и Организацијата на резервни офицери.

Гоцевски е одликуван со Орден за воени заслуги за неговиот придонес во формирањето на Армијата како легитимна и регуларна вооружена сила на Република Северна Македонија. Логистичката база при Армијата, како што се вели во соопштението е одликувана за нејзиниот стратешки и долготраен придонес во планирањето, координирањето, организирањето и извршувањето на логистичката поддршка на командите и единиците на Армијата со што овозможува успешно извршување на сите задачи во мир, војна и кризна состојба. Како што беше посочено на централната манифестација, логистичката база, својата подготвеност ја покажала со активностите при справувањето со мигрантската криза и пандемијата со ковид-19.
Со Орден за воени заслуги е одликувана и Организацијата на резервни офицери за нејзиниот особен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на државата и афирмирањето на воената професија.
Исто така, претседателот Пендаровски со указ го унапреди полковник Сашко Лафчиски во чин бригаден генерал и го постави полковник Васко Коколански за командант на Командата за обука и доктрини во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.