Исчекувањето на новата методологија за пристапните преговори и конечното доделување на датум за почеток на преговорите во текот на пролетта следната 2020 година, не смеат да бидат изговор за брзината и квалитетот на домашните реформи за коишто ние ја имаме примарната одговорност, смета претседателот Стево Пендаровски.
Во обраќањето на отворањето на конференцијата „Можности за регионална интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија“ што се одржува во Скопје во организација на Унијата на европските федералисти на Македонија, Пендаровски посочи дека дури и со отпочнати преговори напролет следната година, ни претстои долг и тежок процес на приспособување што ќе трае, оптимистички од пет до седум години.
„Дотогаш, за да опстанеме како демократска држава и општество, ќе мораме да се справиме со проблемите поради кои стотици илјади наши граѓани веќе ја напуштија државата. Проблемот на организираниот криминал и високата корупција не се само предизвик за обвинителството и судството, туку се основен услов за опстанок на јавниот поредок. Релативно бавното темпо на економскиот развој е клучна пречка за отворање добро платени работни места, коишто се единствена надеж за успорување на миграциските текови. Конечно, слабостите во нашиот образовен систем, во јавното здравство и заштитата на човековата околина се повеќе стануваат причини за незадоволство кај граѓаните и мотив за напуштање на државата, не само од економски загрозените граѓани, туку и од оние кои имаат релативно добар социјален статус, но се незадоволни од функционирањето на системот“, рече Пендаровски.