За време на владеењето на кралицата, потенцира претседателот, имавме одличен развој на македонско-британските односи, кои се развиваа преку политичките, економските, културните и образовните врски
Претседателот Стево Пендаровски, по повод смртта на кралицата Елизабета Втора, упати писмо со сочувство до нејзиниот син и наследник Неговото Величество, Чарлс Трети, крал на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, соопштија денеска од неговиот кабинет.

„Ваше Величество, во овие тешки мигови, во име на граѓаните на Република Северна Македонија и во мое лично име, дозволете ми да изразам најдлабоко сочувство по повод смртта на Нејзиното Величество, кралицата Елизабета Втора. Кралицата посветено и неуморно ја извршуваше својата служба покажувајќи лидерство дури и во најтешките мигови. Во седумте децении на нејзиното владеење пораснаа и се развиваа генерации за кои кралицата беше и остана симбол на лидер кој води преку емпатија, со визија, секогаш подготвена за приспособување на монархијата кон новата динамика на глобалните текови, останувајќи секогаш фокусирана да ја води и претставува својата држава во секој дел на светот“,
навел Пендаровски во писмото до кралот Чарлс Трети.
За време на владеењето на кралицата, потенцира претседателот, имавме одличен развој на македонско-британските односи, кои се развиваа преку политичките, економските, културните и образовните врски.
„Поддршката што доаѓаше од кралицата, преку владата и членовите на кралското семејство, кои работеа во нејзино име, беа огромна помош за позитивно движење на процесите. Доживотната определба на Нејзиното Величество да му служи на својот народ во Обединетото Кралство и Комонвелтот е пример за јавна служба која ќе остане инспирација за идните генерации. Во овие тешки мигови, Ваше Величество, примете ги изразите на моето највисоко почитување, со желби за добро здравје“,
напишал претседателот.
