По повод Денот на НАТО, вчеравечер зградите на Владата и министерствата за одбрана и за надворешни работи светеа во боите на Алијансата
По повод денот на НАТО, шефот на државата, Стево Пендаровски, порача дека денес кога меѓународниот поредок е во опасност, ја разбираме важноста од членството во Алијансата.
За пристапувањето, вели претседателот, беа потребни и тешки одлуки и длабински реформи.
„Членството во НАТО беше една од нашите клучни стратешки цели уште од независноста, поддржана со широк политички консензус на национално ниво и висока поддршка од граѓаните. Процесот на пристапување во Алијансата беше долг, беа потребни тешки одлуки и длабински реформи во нашата Армија и безбедносниот сектор но, денес, кога меѓународниот поредок е во опасност, ја разбираме важноста од членството во НАТО. Членството во Алијансата јасно ја исцртува и нашата долгорочна ориентација за почитување на вредностите кои ги споделуваме со евро-атлантската заедница: слободата, демократијата и владеењето на правото, како предуслови за успешен развој“,
вели Пендаровски.
Синоќа за Денот за НАТО се огласи и премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека сега, кога сме исправени пред нови геополитички предизвици, се присетуваме дека силата е во единството на Алијансата.
„Исправени сме пред нови геополитички предизвици во време кога на европскиот континент сведочиме за воената агресија која се случува во Украина, а притоа се потсетуваме дека нашата сила е единството на Алијансата“,
порача Ковачевски.
Во чест на НАТО, вчеравечер зградите на Владата и министерствата за одбрана и за надворешни работи светеа во боите на Алијансата.
