Претседателот Стево Пендаровски изрази уверување дека поддршката што Северна Македонија ја има од Словачка во иднина ќе ја има и од сите земји членки на ЕУ следејќи го, како што кажа, принципиелниот однос на Словачка како една од движечки сили на Вишеградската група
Словачката Република е подготвена да ѝ ги пренесе своите искуства од евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија. Ова денеска го порачаа претседателката на Словачката Република, Зузана Чапутова, која е во официјална посета на земјава и нејзиниот колега, шефот на државата Стево Пендаровски.

По тет-а-тет средбата што ја остварија, Пендаровски порача дека за Северна Македонија се добредојдени словачките искуства од процесот на пристапување кон Унијата кои, како што рече, сигурно ќе ни бидат од голема помош во тој процес.
„Во оваа пригода сакам да се заблагодарам за постојаната и исклучително гласна словачка поддршка за македонските евроинтеграции. Токму кога беше најтешко, Словачка како вистински пријател без калкулации не поддржуваше во сите ситуации. Искрено, се надеваме на сличен пристап во иднина од сите земји членки на ЕУ, следејќи го принципиелниот однос на Словачка како еден од движечки сили на Вишеградската група“,
потенцира Пендаровски.
Словачката претседателка Чапутова ги поздрави сите чекори што Северна Македонија ги презема за приближување кон Европската Унија и посочи дека за тоа се потребни големи напори, но и политичка храброст.
„Пред неколку месеци, за среќа, преговорите беа почнати, а очекувам дека многу скоро ќе бидеме заедно и во ЕУ. Словачка постојано ги поддржува вашите напори за пристапување и подготвени сме да ги споделиме сите наши искуства во тој дел. Ние го минавме тој пат, но подобрувањето во јавните институции, услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува. Многу работи не врзуваат, имаме одлични билатерални односи и заедничка историја“,
порача Чапутова.
На заедничката прес-конференција, Чапутова и Пендаровски соопштија дека на средбата разговарале и за интензивирање на економската соработка, како и за унапредување на билатералните односи во повеќе области, меѓу кои и науката и културата.
„Посебен фокус во разговорите беше интензивирањето на економската соработка која не го има достигнато својот реален потенцијал, иако билатералната трговска размена во последните 5-6 години бележи константен раст. Изразив очекување дека ќе видиме поголеми инвестиции на словачките компании кај нас, особено сега откако ги почнавме преговорите со Унијата“,
посочи Пендаровски.
Пендаровски изрази уверување дека односите меѓу двете земји ќе бидат крената на уште повисоко ниво по периодот што следува, меѓу другото, и поради отворањето на нашата амбасада во Братислава. Претседателот истакна дека во текот на овој месец очекува нашиот прв резидентен вонреден и ополномоштен амбасадор да ја преземе должноста во главниот град на Словачката Република.
Чапутова и претседателот Пендаровски по заедничката прес-конференција ќе заминат во црквата „Св. Спас“ и ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
За словачката претседателка напладне ќе биде организиран пречек на платото пред Владата каде што ќе присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски, неговите заменици и други владини претставници.
Чапутова и Ковачевски потоа ќе имаат билатерална средба.
