Ако за 20 дена Заев не направи влада, ве уверувам дека Мицкоски на истекот од тој рок ќе дојде од сабајле овде во оваа институција да го бара мандатот, иако односите му се замрзнати, рече Пендаровски, коментирајќи ја најавата на Мицкоски дека неговата партија ги замрзнува односите со шефот на државата
Мнозинството не се утврдува кај претседателот кога го дава мандатот со потписи и нотарски заведени изјави, туку се утврдува на денот на гласањето за новата влада во Собранието, вели Пендаровски
Зошто Собранието не е конституирано, на кој начин Заев го уверил Пендаровски дека обезбедил мнозинство во парламентот и дали добил некакви гаранции за тоа – со овие прашања лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и пратеничката Гордана Силјановска – Давкова настапиле пред претседателот Стево Пендаровски на попладневната средба во вилата Водно.
Претседателот Пендаровски по средбата изјави дека нема намера да го носи мандатот дома и дека на оние кои претендираат да бидат премиер на државава мора да им се верува на зборот, бидејќи носат одговорност пред сите граѓани.
„Не можете со трикови да добиете мандат“,
напомена Пендаровски, велејќи дека ако за 20 дена Заев не направи влада, ќе го врати мандатот назад.
„До овој момент, 61 пратеник нема ниту една политичка партија. Но, Заев се јави во текот на вчерашниот ден и рече дека е во преговори со политичките партии, дека е на добар пат да обезбеди мнозинство. Од тој момент имаме контратеза од Мицкоски кој праша – како јас сум стекнал впечаток дека Заев има мнозинство? Му реков дека ќе работи да обезбеди мнозинство и дека до овој момент ниту еден друг не се јави да каже дека ќе направи мнозинство“,
изјави Пендаровски.
Како што рече Пендаровски, мнозинството не се утврдува кај претседателот кога го дава мандатот со потписи и нотарски заведени изјави, туку дека се утврдува на денот на гласањето за новата влада во Собранието.
„Во најмалку два наврати од 1990 г. наваму, двајца го вратија мандатот. Едниот е господинот Гошев, другиот е Груевски – не дојдоа воопшто во Собрание, знаејќи дека не можат да направат мнозинство. Така што, никој да не биде во некаква заблуда дека е даден мандатот и тоа е неповратна работа. Ако Заев не обезбеди мнозинство, и ако дојде по него Мицкоски да бара мандат, јас и нему нема да му барам 61 потпис од пратеници, мислам дека тоа е нехумано“,
рече Пендаровски.
За одлуката на Мицкоски, неговата партија да ги замрзне односите со претседателот, Пендаровски рече дека негова проценка е оти овој потег е испровоциран од некои внатрешно-партиски причини.
„Нека постапат како сакаат, ова е демократија. Но, ако за 20 дена Заев не направи влада, ве уверувам дека Мицкоски на истекот од тој рок, ќе дојде од сабајле овде во оваа институција да го бара мандатот иако односите му се замрзнати“,
рече Пендаровски.
Тој, исто така, рече дека никој освен Заев до денес не му се јавил да му каже дека работи на формирање мнозинство, а тој е должен да го даде мандатот до 10. ден од конституирањето на Собранието.
„Јас ќе ги викнам сите лидери на парламентарни партии, еден по еден, да ги прашам дали имаат мнозинство. До денес нема никој, освен Заев, не се јави да каже дека работи на тоа, а Уставот вели дека претседатлот е должен да го даде мандатот. Никој од другите не ми го кажа тоа, а јас морам во 10 дена да го дадам мандатот или флагрантно да го кршам Уставот“,
рече Пендаровски, одговарајќи на новинарско праашање – што доколку се јавеле и други лидери на партии да кажат дека работат на формирање мнозинство.
Тој ја анализираше и претпоставената ситуација што доколку двајца лидери го известеле дека водаат разговори, како што направил и лидрот на СДСМ. Во тој случлај, според Пендаровски, мандатот ќе го даде на лидерот на онаа партија која има најмногу мандати, па доколку не се успее во тоа, мандатот ќе и биде доделен на следната партија и се до обезбедување парламентарно мнозинство.