Единствената причина поради која е неизвесно дали ќе дојде до промена на Уставот, според Пендаровски, за жал, е тоа што опозицијата решила повеќе да се грижи за својот рејтинг отколку за стратегиските интереси на државата
Ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжи да се држи до овој нов нејзин пристап, кој произлезе по лидерската средба меѓу лидерот на партијата Христијан Мицкоски и премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, тогаш бројката од 80 пратеници потребна за уставните измени за вметнување на Бугарите и други народи во Уставот не е недостижна, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за порталот „Фактор“.

„Опозицијата направи промена од 180 степени во однос на сопствените тврдења во изминатите месеци и на лидерската средба од нивна страна не беше спомнат бугарскиот диктат ниту дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни промени. На лидерската средба тие прифатија да влезат во Владата и да предводат пет ресори и изразија противење само за учество во Владата на најголемата партија на Албанците во Македонија. Ако продолжат да се држат до овој нов пристап, без споменување на небулозните тврдења дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тогаш бројката од 80 пратеници не е недостижна“,
вели шефот на државата.
Во врска со самите уставни измени, тој вели дека не е ниту оптимист ниту песимист туку реалист. Според Пендаровски, не може да има штета за нашиот идентитет доколку во Уставот внесеме уште шест етнички заедници кои живеат во земјава.
„Од првиот ден кога преговарачката рамка (со Европската Унија) беше усвоена во нашиот парламент, јас не сум ниту оптимист ниту песимист туку реалист кој многу добро знае што содржи рамката и кои се позициите на двата спротивставени политички блока во однос на неа. Ако во нашиот Устав веќе 22 години имаме внесено седум народи и делови од народи, каква штета може да има за македонскиот народ и идентитет ако внесеме уште шест етнички заедници кои живеат тука“,
вели претседателот.
Единствената причина поради која е неизвесно дали ќе дојде до промена на Уставот, според Пендаровски, за жал, е тоа што опозицијата решила повеќе да се грижи за својот рејтинг отколку за стратегиските интереси на државата.
На прашање да очекува поддршка од владејачката коалиција, конкретно од СДСМ за уште еден претседателски мандат и дали доколку не ја добие сепак ќе се кандидира, Пендаровски не е конкретен во одговорот, но вели дека дека секој што има амбиции да се кандидира за претседател, освен партиска треба да обезбеди и поширока граѓанска поддршка.
„И во 2014 и во 2019 година зад мојата кандидатура застанаа пратеници од владејачкото мнозинство, но и десетици илјади граѓани, кои не припаѓаат на ниту една политичка партија. Секој што има амбиции да биде кандидат за претседател, освен поддршка од политичките партии, ќе мора да обезбеди и поширока граѓанска поддршка. Во спротивно, и да биде избран, не би можел да претендира да се нарекува претседател на сите граѓани, ниту од граѓаните ќе биде прифатен како нивен претседател, вклучително и на оние кои не гласале за него“,
вели Пендаровски во интервјуто.
