Додека министерот Бочварски, во чиј ресор е најавената изградба на четирите автопатски делници, тврди дека пенали кон изведувачот нема да има, Мицкоски толкува дека сума од 53 милиони евра, поради тоа што во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ не е овозможена 60-часовна работна недела, треба да му се плати на американско-турскиот конзорциум до 6 мај
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го продолжија разногласието меѓу власта и опозицијата на темата пенали кон „Бехтел и Енка“. Додека Бочварски, во чиј ресор е најавената изградба на четирите автопатски делници, тврди дека пенали кон изведувачот нема да има, Мицкоски толкува дека сума од 53 милиони евра, поради тоа што во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ не е овозможена 60-часовна работна недела, треба да му се плати на американско-турскиот конзорциум до 6 мај.
Во интервју за МИА, во кое вели дека пенали нема, министерот Бочварски додава оти исплатата е утврдена согласно програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектот.
„Доколку државата не ги смени законите, еве не се донесат законите во парламентот, ние под постојната законска регулатива продолжуваме со работа. И тоа е од исклучително значење да го знаат граѓаните. Не е точно дека државата е обврзан да менува закони. Државата, односно Владата, парламентот и сите институции можат да продолжат со работа согласно постојната законска регулатива. Доколку се променат законите, доколку овозможиме повеќе работа на терен и се овозможи реализација на проектот согласно Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, за да се овозможи фазно градење, тогаш можеме секако да се увериме дека и побрзо ќе оди и реализацијата на проектот”,
вели Бочварски за МИА.
Спротивно од него, лидерот на најголемата опозициска партија останува на тврдењето дека во договорот се предвидени пенали и дека тие треба да се платат за една недела. Мицкоски денеска за време на посетата на Општина Василево рече дека, според договорот, е предвидено 117 милиони евра да се платата за подготвителни работи и подготовка на градилиштата, што уште тече.
„Предвидени се да се платат во два наврати. 83 милиони е предвидено да бидат исплатени две недели откако е потпишан договорот и дополнителни 30 милиони евра, 45 дена откако е потпишан договорот“,
изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, при што рече дека сумата наскоро ќе надмине 230 милиони евра, иако нема да има ни шајка на коридорите.
За пеналите кои, според Мицкоски, треба да се платат поради тоа што не е променет Законот за работни односи во рок од 45 дена од потпишување на договорот, кои изминаа на 22 април, тој повтори дека станува збор за 53 милиони евра.
„Тие треба да се платат во рок од две недели откако ќе изминат тие 45 дена предвидени да се смени Законот за работни односи и да се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, а тој истекува на 6 мај. Од информации со кои располагаме, има натегање помеѓу Владата и фирмата изведувач околу банкарската гаранција кога ќе се договорат да бидат исплатени дополнителни 50 милиони евра по основа на авансно плаќање предвидено во тој договор. Таа бројка за една недела ќе биде огромна, повеќе од 220-230 милиони евра, а сè уште од проектот нема ни шајка некој заковано“,
рече Мицкоски.
Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека има сигурни информации оти на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) му се префрлени околу 120 милиони евра за исплати кон „Бехтел и Енка“, од ЈПДП денеска преку соопштение информираа дека е извршен првиот трансфер на сметката на Претпријатието на средства наменети за изградбата на делови од коридорите 8 и 10-д, и тоа во износ од 117 милиони евра.