Тутунарите од Пелагониско и Струмичко денеска излегоа на протести незадоволни од проценката и од откупната цена која им се нуди.
Денеска два часа, од 10 до 12 часот, беше блокиран магистралниот пат Прилеп-Градско, на излезот од градот. Тамошните тутунари остануваат на барањата и велат дека нема да отстапат од реален откуп, укинување на четвртата класа и реална цена за врвните берби. Бараат нивниот официјален претставник, Сојузот на земјоделските здруженија, да биде со нив и да ги поддржи.

Од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“ бараат под итно да се дадат гаранции дека сите пунктови и кај сите откупувачи тутунот ќе се откупува реално.
„Под итно да се дадат гаранции, тоа да го направи државата. Секаде, на сите пунктови и кај сите откупувачи во земјава исто да се цени тутунот, реално. И тоа веднаш, зашто ова може да излезе од контрола и да се создадат ковид-кластери. Затоа е важно решение веднаш. Нема да отстапиме и ќе одиме до крај да се реши маката на тутунарите“,
вели Игор Мирчески од Иницијативниот одбор.
По синоќешниот состанок во Прилеп со министерот за земјоделство, тутунарите останаа на ставот да протестираат, а од друга страна, да продолжи откупот на тутунот. Ќе се прави неделен пресек на текот на откупната кампања и на постигнатата просечна цена. Денеска се отворени сите откупни пунктови во Прилеп.

Досега во државава се преземени само три проценти од родот. Речиси две третини е во Пелагонискиот Регион.
Поради незадоволството од откупните цени и проценката на тутунот, денеска пред откупните пунктови во селата протестираа и тутунари од селата Градашорци и Ангелци.
Марјан Трајков, претседател на Здружението „Басмак“ од село Василево, информира дека заклучно со вчера, кога законски требаше да бидат отворени откупните пунктови, во Струмичкиот Регион се отворени сите, но четири компании годинава вршат откуп на тутунот.

Според него, квалитетот на тутунот е послаб од лани, а тутунарите, покрај ниските откупни цени, се незадоволни и од работата на поверениците, кои не ги штителе нивните интереси.
Годинава компаниите и тутунопроизводителите склучија договори за откуп на 23 милиони килограми тутун, што е за околу 3 милиони килограми помалку од лани. Според откупувачите тоа се должи на резервите што ги имаат од лани и помалата побарувачка на пазарот.