Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји истакна оти Пекинг повикува на поавторитативна, посеопфатна и ефективна меѓународна мировна конференција што е можно поскоро за да се промовира продолжувањето на мировните преговори
Кина ќе направи сè за да придонесе за израелско-палестинското помирување, му рекол кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на својот израелски колега Елио Коен за време на телефонски разговор. Нарекувајќи го конфликтот „голем избор меѓу војна и мир“, кинескиот министер кажал оти Пекинг цврсто ќе ја поддржи секоја резолуција што води кон мир.

Ванг Ји го повикал Израел да преземе ефективни мерки за заштита на безбедноста на кинеските граѓани и институции на Блискиот Исток, додавајќи дека „сите земји имаат право на самоодбрана, но треба да се придржуваат до меѓународното хуманитарно право и да ја заштитат безбедноста на цивилите“.
Во одвоен телефонски разговор со палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, Ванг Ји рекол дека длабоко сочувствува со луѓето во Газа и дека она што им е најпотребно се безбедноста и напорите за запирање на војната и промовирање на мирот, а не оружје или геополитички калкулации.
Кинескиот министер истакна и оти Пекинг повикува на поавторитативна, посеопфатна и ефективна меѓународна мировна конференција што е можно поскоро за да се промовира продолжувањето на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците. Дополнително, посочи дека Советот на безбедност на ОН треба ефикасно да ја преземе својата одговорност, меѓународната заедница да дејствува итно, а државите, собено големите сили, да бидат објективни и непристрасни по однос на конфликтот.
