На денешниот состанок компаниите, кои се членки на групацијата на мелничко-пекарската индустрија, како што соопшти нејзиниот претседател Горан Малишиќ, донеле едногласна одлука да прекинат со производството на леб од денот кога одлуката на Владата за замрзнување на цената ќе излезе во „Службен весник“
Пекарската индустрија денеска се закани дека ќе престане со производството на леб доколку стапи во сила мерката за замрзнување на неговата цена, која во саботата ја најави министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што соопшти министерот за економија во вторник, односно утре ќе се замрзне цената и на белиот и на полубелиот леб и таа нема да изнесува над 33 денари.
Од Министерството за економија, исто така, доставија предлог до Владата да се укине субвенционираната струја за компаниите што неоправдано не ги намалија цените на основните прехранбени производи.
На денешниот состанок компаниите членки на групацијата на мелничко-пекарската индустрија, како што соопшти нејзиниот претседател Горан Малишиќ, донеле едногласна одлука да прекинат со производството на леб од денот кога одлуката на Владата за замрзнување на цената ќе излезе во „Службен весник“.
Од групацијата велат дека доколку мерката за замрзнување на цената стапи во сила индустриските пекарници ќе се соочат со штети од над 10 000 евра на ден.
„На состанокот на групацијата на мелничко-пекарската индустрија на кој беа присутни 32 индустриски пекарници од цела држава, плус беа присутни мали здруженија на пекарници од мали градови, донесоа едногласна одлука дека не се согласуваат со мерката за замрзнување на цената. Таа мерка ќе им донесе на пекарниците штета и ќе ги доведе до нивно идно затворање. Штетата во зависност од големината на индустриските пекарници би изнесувала од 3 до 15 000 евра на ден. Така што денеска се донесе одлука од сите едногласно и заедно со другите комори кои присуствуваа на состанокот дека дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во ‘Службен весник’ од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот“,
изјави Малишиќ.
Претседателот на групацијата, исто така, изјави дека уште еден од заклучоците од состанокот бил дека мерката за субвенционирање на електричната енергија во оваа индустрија го дала посакуваниот ефект. Тој рече дека по воведувањето на повластената цена на електричната енергија за компаниите од прехранбената индустрија тие ја намалиле цената на лебот и повеќе отколку што процентуално изнесувало учеството на субвенционираната електрична енергија од државата.
На прашањето зошто и по намалувањето на цената на пченицата и на електричната енергија на пазарот граѓаните сè уште не можат да го почувствуваат намалувањето на цените, Малишиќ го оправда со резервите со кои компаниите сè уште работат, а се направени во периодот кога цените на пченицата и на на енергенсите беа највисоки.
„Тие фактори придонесуваат цената да се држи горе затоа што залихите што ги има и пекарската индустрија и мелничката индустрија се купени по најскапа цена. Овие намалувања на цените почнаа во изминатите 30 дена. Вие да пресечете и да донесете одлука дека од утре мора да биде така, со тоа само ќе ги уништите компаниите. Вие мора да им оставите простор на компаниите, во услови на пазарно стопанисување да направат конкуренција на пазарот за да се намалат цените. Тие компании имаат скапа цена на залихите на брашно, имаат скапа цена на залиха на пченица, скапи репроматеријали и сега да се намали цената – да, но треба да се остави време“,
рече Малишиќ одговарајќи на новинарски прашања по состанокот на групацијата на пекраската и мелничката индустрија.
Тој посочи дека групацијата е отворена за преговори со Владата за изнаоѓање на заедничко решение и посочи дека одлуката што денеска ја донеле не е бојкот туку спас на индустријата.