Пејачката Антониа Гиговска првично беше промовирана како една од неколкуте домашни и странски музички ѕвезди кои ќе настапат на 13 август на плоштадот Скендербег во Скопје, на Мировниот фестивал посветен на 21-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
По реакциите и негативните коментари на социјалните мрежи, таа преку порака на „Инстаграм“ порача дека го откажува ангажманот бидејќи, како што вели, не сака да биде дел од каква било манифестација поврзана со политика или со политичките чинители во државата.
„За мене е одговорен менаџерски тим кој прифати ангажман за кој ниту јас, ниту тие знаеле дека има или би имало политичка конотација. Па оттаму, бев принудена да го откажам мојот ангажман, се разбира, со секоја почит кон организаторот и кон било која политичка страна. Јас не сакам да бидам дел од манифестации поврзани со политика, ниту некогаш ќе бидам. Мојата работа е да правам музика и на фановите да им го дадам најдоброто од мене”,
вели Гиговска.

Откако Гиговска го откажа својот настап, од Министерството за политички систем, кое е организатор на фестивалот, беше објавено дека на нејзино место ќе настапи пејачот Владо Јаневски.

Инаку, за годинашнава прослава покрај фестивалот на кој ќе настапат музички имиња од земјава и соседството, во Маврово ќе се оддржи и Школа за млади лидери под мотото “Peace Forum Dialogue”.