„Педесет дена од нашата одбрана е достигнување. Достигнување на милиони Украинци. Секој што ја донесе главната одлука во животот на 24 февруари – да се бори. Да се биде човек. Да не се откажува. И да не изневерува“, посочи Зеленски во своето обраќање до Украинците додавајќи оти Украина е најхрабра земја, а украинскиот народ е неуништлив
Синоќешното видеообраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски до нацијата, во кое им оддава почит на бранителите на Украина, го одбележа педесеттиот ден од воениот конфликт во земјата, пренесе Би-би-си.
„Педесет дена од нашата одбрана е достигнување. Достигнување на милиони Украинци. Секој што ја донесе главната одлука во животот на 24 февруари – да се бори. Да се биде човек. Да не се откажува. И да не изневерува“,
истакна Зеленски во своето видеообраќање, заблагодарувајќи им се на Украинците за отпорот во овие педесет дена.
Зеленски додаде дека на почетокот на инвазијата никој не верувал дека ќе преживеат и им се заблагодари и на сите поддржувачи на Украина. Тој истакна дека Украина е најхрабрата земја, а оти украинскиот народ е неуништлив.
„Овој период, овие педесет дена ми ги покажаа светските лидери на поинаков начин. Ги видов политичарите да се однесуваат како да немаат моќ. И видов луѓе кои не се политичари, а кои направија повеќе во овие педесет дена од некои државници“,
продолжи тој, потсетувајќи се на неговите разговори и средби со многу западни лидери.
Речиси пет милиони лица избегаа од Украина од почетокот на војната
Агенцијата за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) соопшти дека речиси пет милиони Украинци ја напуштиле својата земја до педесеттиот ден откако Русија ја започна инвазијата во соседна Украина, на 24 февруари.
Новата статистика објавена од УНХЦР на 14 април покажува дека 4 736 471 лица ја напуштиле земјата поради војната, што е за 79 962 повеќе од претходниот ден, а што ја прави оваа бегалска криза најголема на европско тло од Втората светска војна.
Освен надвор од Украина, ОН на 5 април соопштија оти околу 7,1 милион луѓе се внатрешно раселени во земјата.
Полска, која досега прими околу 2,69 милиони бегалци, е главна дестинација за оние што ја минуваат границата. Следна е Романија со околу 716 797 бегалци кои влегле на нејзина територија. Најмалку бегалци, пак, одлучиле да се засолнат во Белорусија, односно околу 22 428 лица.
Потона „Москва“ – главниот брод на руската Црноморска флота
Рускиот воен брод „Москва“ од Црноморската флота, потона при враќањето во пристаништето, откако вчера беше оштетен при експлозија, соопшти руското Министерство за одбрана, а пренесе Гардијан.
И покрај оштетувањата, руското министерство за одбрана вчера кажа дека бродот е во пловечка состојба, но подоцна потонал во немирното море при враќањето назад во пристаништето.
Претходно, се информираше оти бродот е тешко оштетен при експлозија која предизвика пожар, до кој, според официјален Киев, дошло откако украинските сили ги испукале своите проектили „Нептун“ кон бродот.
Русија, пак, тврдеше оти до пожарот дошло откако муницијата на бродот експлодирала.