Во ноември, од ДПИ велат дека постоело зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата новогодишна кошничка постигнато е нивно стабилизирање и намалување

Мониторингот на пазарните инспектори извршен врз маркетите покажал дека цените на производите од новогодишната кошничка се намалени за 10 отсто.
Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) велат дека во кошничката се додадени и околу 30 нови производи, како млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца. Цените и на овие нови производи бележеле намалување од 10 до 20 отсто.
Од ДПИ велат дека од вчера инспекторите се на терен низ цела Македонија и вршат контроли кај добавувачите, производителите и маркетите.
„Мониторинг на цените се спроведува кај производите кои се дел од новогодишната кошничка, но дополнително и кај одредени основни прехранбени производи кои не се дел од кошничката“,
велат од ДПИ.
Во ноември, како што е посочено во соопштението, постоело зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата новогодишна кошничка постигнато е нивно стабилизирање и намалување.
„Трговците на мало (маркетите) генерално се придржуваат до акцијата за намалување на основните прехранбени производи, а констатирани се ситни забелешки во однос на обележување на цените и самите цени, што по изречените опомени беа коригирани и отстранети. Кај добавувачите и производителите односно трговците на големо контролите се во тек, а по нивно завршување ќе ја информираме јавноста за утврдената фактичка состојба“,
се наведува во соопштението од ДПИ.
Денеска од Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) апелираа до компаниите кои доброволно се согласија дека ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи во рамки на новогодишната кошничка, да си го одржат зборот и да не го прекршуваат ветеното.
Комората досега нема потврда дека некои од нејзините членки не се придржуваат до оваа мерка и дека направиле какви било зголемувања на цените надвор од договореното.
СКСЗМ уште еднаш го потврди ставот дека е против замрзнување на цените и ограничување на маржите.
Контролите на ДПИ почнаа по донесената владина одлука која е со цел да се направат анализи и да се утврди дали постои нелогично зголемување на цените кај одредени производи.
Премиерот Христијан Мицкоски изминатите денови апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување и да не се служат со трикови. И тој и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши предупредија дека Владата ќе донесе поригорозни мерки како ограничување на маржите и цените доколку трговците не ги намалат цените на основните продукти надвор од новогодишната кошничка.