Административците кои од Министерството за политички систем беа прераспределени во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) веќе имаат работен ангажман. Ова го изјави директорката на Инспекторатот, Анета Симеска-Димоска, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, прашана за судбината на т.н. рамковно вработени кои добија трансфер ДПИ:

„Да, тие вработени дојдоа кај нас и веќе се ангажирани. Повеќето се ангажирани во административниот дел, бидејќи таква им беше позицијата претходно. За да можат да станат испектори и да се вклопат во инспекцискиот дел, мора да дојде до унапредување и до постапка која дополнително треба да се спроведе, а нормално за тоа ќе треба и соодветно образование“,
истакна Симеска-Димоска.
Симеска-Димоска стана директорка откако нејзиниот претходник, Стојко Пауноски, беше разрешен од функцијата бидејќи од,би да ги ангажира токму лицата кои му беа доделени од Министерството за политички систем. Тој тврдеше дека во институцијата нема место за тие 35 луѓе, дека само 12 или 13 можат да бидат распределени во администрацијата каде, пак, немал потреба од кадри и дека она што на ДПИ му недостасува се инспектори.
Во интервјуто за „360 степени“ Симеска-Димоска практично потврди дека во ДПИ сè уште има недостаток од инспекциски кадри. Само оваа година треба да си заминат 23 вработени од тие позиции, а дополнително не постои наплив на нови луѓе. Тоа, како што посочи и самата, е голем проблем при засилениот инспекциски амгажман кој го имаат овој период.
„Дополнително, овде сакам да информирам дека и нововработените за да дојдат до позиција да можат да станат инспектори потребна е една година за да го изодат процесот на добивање лиценца“,
додаде таа.
Кога се во прашање капацитетите на ДПИ, институцијата деновиве беше посочена меѓу оние што набавиле возила во периодот на ковид-кризата, од 2020 до 2022 година. Државниот пазарен испекторат набавил вкупно 21 возило и тоа 11 од марката „цитроен ц3“ и 10 возила од марката „фиат типо“, според податоците објавени од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
На прашањето дали парите се целисходно потрошени, Симеска-Димоска рече оти возилата кои биле набавени во овие две години биле неопходни за секојдневното работење на ДПИ и дека претходно инспекторатот располагал со стари возила од 2005 и 2006 година.
„Тие се неопходно потребни за секојдневното работење на ДПИ. Значи, ние не можеме да функционираме без возилата. За нас возилата се основно средство за работа, бидејќи инспекторите се движат на ниво на цела држава“,
одговори директорката на ДПИ.
Таа додаде дека станува збор за мали возила со мала потрошувачка.