Пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, зборувајќи за францускиот, предлог кажа дека овој дебакл што го доживеала земјава е резултат на преговорите со Бугарија нагласувајќи дека сите оние што биле вклучени во преговорите, особено министрите за надворешни работи и за европски прашања да се преиспитаат и евентуално да поднесат оставка

Сите оние што биле вклучени во преговорите, посебно министрите за надворешни работи и за европски прашања да се преиспитаат и евентуално да поднесат оставка, побара денеска пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
Тој, зборувајќи за францускиот предлог, кажа дека овој дебакл што го доживеала земјава е резултат на нивните преговори и на нивните групи со кои раководат.
„Значи, тие преговараа со Бугарија, тие даваа согласност и на францускиот предлог и на преговарачката рамка и на протоколот, што е исто така многу полош и од самата рамка бидејќи таму многу силно се нагласува улогата на Бугарија со јазичните прашања, прашањата поврзани со идентитетот, историските прашања и сè она што Бугарија практично го бараше на суптилен начин е вградено и во преговарачката рамка, а уште повеќе во Протоколот со кој е сосема извесно дека Македонија се сложила“,
кажа Трајанов на денешната прес-конференција.
Демократскиот сојуз, додаде тој, ја повикува Владата на Македонија да ја повлече согласноста околу прифаќање на францускиот предлог – предлог во кој се вградени националистичките барања на Бугарија, посебно за нашиот национален идентитет, јазикот, историските и образовните прашања.
„Сметаме дека овие прашања што ги отвори Бугарија не треба да бидат дел од преговарачката рамка и во таа насока сакаме јасен, дециден став од страна на претседателот на Владата, господинот Димитар Ковачевски, да го презентира својот став за преговарачката рамка, односно сè она што е сврзано со францускиот предлог, Протоколот со кој треба да се имплементираат решенијата од францускиот предлог во преговарачката рамка“,
истакна Трајанов.
Како што нагласи Трајанов, бараат Европската Унија, а посебно земјите кои се блиски пријатели до Македонија – Хрватска, Словенија, Австрија, Чешка, Словачка да гласаат против ставање на преговарачката рамка на дневен ред или едноставно да стават вето на усвојувањето на ваква преговарачка рамка која, како што истакна, навистина ги загрозува нашите национални интереси.
„Сметаме дека ЕУ треба да вградува во преговарачката рамка европски стандарди и принципи или да се придржува до копенхашките принципи што ги бараат за сите држави кои се кандидати членки за ЕУ“,
додаде тој.
Трајанов, меѓу другото, ги повика граѓаните преку социјалните мрежи или преку протести да го изразат својот став, својот револт против оваа преговарачка рамка. Мислам не пред Владата туку пред Европската комисија да покажеме дека овде има граѓани, Македонци и други што се против тоа да бидеме понижени од страна на ЕУ со усвојувањето на преговарачката рамка.
Вчера генералниот секретар на Демократскиот сојуз и заменик-министер за локална самоуправа, Зоран Димитровски, најави дека партијата ќе ја напушти владата ако се прифати францускиот предлог за преговарачката рамка за Северна Македонија.
Освен од Демократскиот сојуз и владините коалициски партии ЛДП и ДОМ најавија дека ќе излезат од Владата доколку биде прифатен францускиот предлог за решение на спорот со Бугарија и почнување на преговорите со ЕУ на Северна Македонија.