Говорејќи во таа насока, министерот Скор Бесент рече дека земјите кои не возвратиле на царините што ги воведоа САД минатата недела, ќе бидат наградени
Белата куќа потврди дека претседателот на Доналд Трамп издал наредба со која ги паузира царините за повеќето земји на 90 дена, и дека во тој период ќе остане основната давачка од 10 проценти, пренесоа светските медиуми.

Истовремено, од Белата куќа го потврдија и она што Трамп го напиша на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), дека паузата нема да важи за Кина, туку напротив – царината за производите кои доаѓаат од оваа земја ќе се зголемат и ќе изнесуваат 125 отсто.
„Кога ќе ги удрите Соединетите Американски Држави, претседателот Трамп ќе возврати посилно“,
изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, коментирајќи ги зголемите тарифи за Кина.
Таа исто така рече дека САД ќе продолжат со преговори со земјите и дека нивото на тарифи ќе се сведе на универзални 10 отсто за време на преговорите.
Пред новинарите во Белата куќа се обрати и министерот за финансии на САД, Скот Бесент, кој рече дека најновите промени во царинската политика на Трамп цело време биле дел од стратегијата на претседателот.
„Ова беше негова стратегија цело време, па дури може да се каже дека тој ја втера Кина во лоша позиција, тие одговорија. Тие му се преставија на светот како лоши актери, а ние сме подготвени да соработуваме со нашите сојузници и со нашите трговски партнери кои не возвратија. Тоа не беше тешка порака, не возвраќајте, работите ќе испаднат добро“,
рече Бесент.
Говорејќи во таа насока, американскиот министер за финансии рече дека земјите кои не возвратиле на царините што ги воведе САД минатата недела ќе бидат наградени, пренесе „Гардијан“
„Не возвраќајте, и ќе бидете наградени“,
рече тој.
Во однос на царинската стапка за кинеските производи, Бесент кажа дека таа зголемена „поради нивното инсистирање на ескалација“.
Министерот за финансии потврди и дека во основната тарифа од 10 отсто ќе бидат вклучени и Канада и Мексико.

Сојузниците на Трамп во меѓувреме ја бранат и не штедат пофални зборови за потегот на Трамп за замрзнување на царините за 90 дена.
„Ова е еден од најголемите денови во американската економска историја… Мислам дека ќе го наречеме уметност на реципрочниот трговски договор… Сите нервозни газди кои се обидоа да не поткопаат постојано ја потценуваат моќта на претседателот“,
изјави еден од клулните сојузници на Трамп и негов трговски советник во Белата куќа, Питер Наваро за Фокс бизнис.
Директорот на Националниот економски совет на Белата куќа кон крајот на минатата недела во интервју за Еј-би-си, бранејќи ги тарифите на претседателот Трамп изјави дека повеќе од 50 земји побарале да воспостават контакт за да започнат преговори по царините што ги објави американскиот претседател.
Трамп во денешната неочекувана објава наведе дека повеќе од 75 земји побарале преговори за тарифите.
Една од државите кои разговараат со САД за тарифите е и Северна Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски во неделата (6 април) изјави дека Владата била во постојана комуникација со САД. Тогаш кажа и дека за многу скоро очекува добра вест за македонските граѓани и македонската економија. Трамп ѝ стави на земјава една од повисоките тарифни стапки – 33 проценти.
Инаку, по денешната објава на Трамп за 90-дневна пауза „живнаа“ и берзите, кои претходно бележеа пад инициран од трговската политика на американскиот претседател.
Така, според извештаите, S&P 500 денеска забележа пораст за 5,6 проценти, додека Nasdaq скокна над 8 проценти.
Претходно денеска, Европската Унија одобри царини за околу 21 милијарда евра (23,2 милијарди долари) на американски стоки како одговор на царините од 25 отсто на Трамп за извозот на челик и алуминиум од ЕУ.
Мнозинството од 27-те земји членки на ЕУ денеска гласаа за дополнителни давачки од 25 отсто, од кои некои ќе стапат во сила на 15 април.