За овие комплексни срцеви аритмии, ФЗО досега издвојуваше повеќе од 15 до 20 илјади евра по пациент за нивен третман во странство, бидејќи не беше возможно овие процедури да се прават во нашата држава
Првата аблација за коморна тахикардија во државата минатата недела е успешно извршена на Универзитетската клиника за кардиологија. Воведувањето на оваа интервенција ќе значи големо олеснување за пациентите, но и за здравствениот систем, бидејќи ќе ја намали потребата од скапи упатувања во странство и го подобрува пристапот до врвна здравствена грижа во земјава.
По тој, повод Клиниката денеска ја посетија министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, каде што одржаа заедничка прес-конференција заедно со директорката Даница Петкоска-Спирова и д-р Јане Талески од Одделот за електростимулација и електрофизиологија.

За овие комплексни срцеви аритмии, ФЗО досега издвојуваше повеќе од 15 до 20 илјади евра по пациент за нивен третман во странство, бидејќи не беше возможно овие процедури да се прават во нашата држава.
Директорката на Кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, рече дека изведувањето на оваа сложена инвестиција претставува ново поглавје во развојот на електрофизиологијата во земјава.
„Со оваа процедура овозможуваме навремено и ефикасно лекување на пациентите со сите видови аритмии, за кои досега дел од нив беа упатувани на третман во странство на товар на ФЗО“,
рече таа.
На прес-конференцијата, министерот Азир Алиу посочи дека со извршување на овој оперативен зафат, медицинскиот тим на Кардиологија уште еднаш докажал оти во македонското здравство постојат знаење, храброст и визија за врвни резултати.
„Ова е голем чекор напред во здравството и доказ дека имаме кадар способен да изведува процедури од највисоко ниво“,
кажа Алиу.
Според него, ако се инвестира во човечки ресурси, технологии и во едукација, капацитетот на нашиот здравствен систем во иднина ќе се зголемува.
Според Клиниката за кардиологија, минатата година се направени околу 290 аблации, од кои повеќе од половина биле комплексни. Годинава таа бројка треба да се качи за 20 отсто.
