Според него, редоследот на терапиите на пациентите не бил почитуван и соодветно воден и оти од 16 анализирани пациенти само кај еден имало психопатолошки наод, кај неколку имало наоди од молекуларна патологија, додека другите ноади не биле редовно и структурно правени
Од друга страна, одбраната на обвинетите, меѓу кои е и поранешниот директор на Клиниката за радиологија и онкологија Нино Васев, на чии вкрстени прашања денеска одговараше вештакот, тврдеа дека, како и на вештакот од Словенија, и нему не му била дадена целосната документација
На пропусти во лекувањето и недоволно следење на пациентите, што довело до фатални последици, укажа вештакот од Србија, Давор Радославлевиќ, на денешното рочиште од судскиот процес во случајот „Онкологија“, во кој поранешниот директор на Клиниката за радиологија и онкологија Нино Васев и уште двајца лекари онколози се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Радославевиќ, кој работел на медицинското вештачење за Обвинителството во рамките на предметот, на рочиштето во скопскиот Основен кривичен суд, како што пренесе МИА, одговараше на вкрстени прашања од првообвинетиот Васев и неговите бранители. Додека вештакот укажа на пропусти во лекувањето, тврдењата на одбраната беа во насока дека не му била дадена целосната документација.
Имено, предмет на обвинението е лекувањето на вкупно 47 пациенти, додека вештачењето на вештакот од Србија се однесува на медицинска документација за 16 пациенти, од кои 14 се опфатени со обвинението.
Вештакот од Србија на претходните две рочишта оваа недела беше директно испрашан од застапникот на обвинението во врска со неговиот вешт наод и мислења, а денеска одговараше на вкрстени прашања на одбраната.
Радославевиќ, во своето вештачење, констатира дека пациентите биле неправилно лекувани и дека нивната здравствена состојба била влошена и со тоа нивниот животен век бил скратен. Според него, редоследот на терапиите на пациентите не бил почитуван и соодветно воден и оти од 16 анализирани пациенти само кај еден имало психопатолошки наод, кај неколку имало наоди од молекуларна патологија, додека другите ноади не биле редовно и структурно правени.
Одбраната, пак, тврди дека и на Радославевиќ, исто како и на вештакот од Словенија, не му била доставена целосната документација и при вештачењето воопшто не ги имале предвид македонските упатства за лекување онколошки пациенти.
На прашање од одбраната во врска со исказот за 16 анализирани пациенти, односно дали може да се заклучи дека без овие клучни докази е отежната проверката на поставената дијагноза и терапија, вештакот рече дека пациенти кои активно примаат онколошка терапија треба да бидат соодветно следени и само на тој начин може да се следи ефектот на лекувањето и должината.
„Сите пациенти имаа еден или повеќе КТ-наоди. Ова мора да е погрешно запишано. Никогаш не би рекол дека никој од пациентите немал КТ-наоди. Во извештаите се споменуваат повеќе КТ-наоди, но и претходно кажав не било тоа правено систематски и заведувано соодветно и редовно за сите пациенти во текот на нивното лекување“,
рече вештакот.
Прашан дали оценување на правилноста на медицинска постапка врз основа на сознанија кои не можеле да бидат познати во моментот на лекување претставува експост медицинска евалуација, вештакот рече дека нема да се впушта во теоретски постапки, но појасни:
„Онколошките пациенти кои се метастатски, најчесто како што се гледа од приложената документација немаат продолжен живот и затоа оваа постапка која подразбира нередовни вонредни околности за одлучување, не може да биде основ за одлучување во редовно работење, особено во терцијална онколошка установа. Значи, ако работеле луѓето и апаратите, тогаш одлучувањето е редовно согласно правилата и прописите“,
изјави вештакот.
На прашање дали проценката на лекувањето не може да се базира само врз исходот, туку мора да се цени дали одлуката на лекарот е соодветна на тоа што тогаш му било познато, вештакот рече дека тој и во писмениот извештај и во усните одговори, настојувал да направи врска меѓу причините и извештаите и да влезе во рационалноста на тераписката постапка.
„Првенствено, воопшто го немав предвид исходот за конкретните пациенти и за ова детално одговорив“,
рече сведокот.
Вештакот одговори потврдно на прашањето дали во своето вештачење за повеќе пациенти наведува дека тие биле неправилно лекувани и дека нивната здравствена состојба била влошена и со тоа нивниот животен век бил скратен.
Во однос на неговото тврдење дека редоследот на терапиите на пациентите не биле почитувани и прашан дали ќе се согласи дека водичите ЕСМО и ЕЦЦ не предвидуваат задолжителни терапевтски линии од кои не може да се отстапи, туку само предлагаат повеќе терапевтски линии кои лекарот ги избира за секој пациент, вештакот рече ЕСМО препорачува, но не налага еден или повеќе лекови или комбинации, но најчесто за прва, втора и во подоцнежните линии на лекување.
„Јас навистина се водев кон таквите препораки и укажував на недоследности на примена на ЕСМО само таму каде што беа во расчекор со препорачаните линии на лекување“,
кажа вештакот, пренесе државната новинска агенција.

Во однос на неговото исказ дека во документацијата не му бил даден ЕЦОГ-статус, коморбидитети, токсичноста, одговор на терапија и слично податоци за секој пациент посебно, вештакот рече дека ниту за еден пациент не видел перформанс-статус, означен со бројки.
„Во документацијата не можам да наведам пример за придружни болести, а како редок пример за воочена токсичност наведувам кај пациентка која по примена хемотерапија имала афти во устата и се советува намалување на дозата“,
рече вештакот.
На почетокот на денешното рочиште вкрстени прашања поставуваше и првообвинетиот Васев, кои повеќе се однесуваа на конкретни пациенти и дали при вештачење на медицинската документација за некој пациент вештакот имал предвид одредени наоди и мислења и дали можеби во тој случај пропишаните терапии би биле соодветни и оправдани.
Прашан за пациент со карцином на бели дробови, дали при вештачењето имал наод од лабораторија-диопсија од 2017 година, вештакот рече дека во документацијата на српски јазик немал таков наод.
„Реков дека не видов оригинален наод кога пациентот бил лекуван од карцином на бели дробови, а по втората операција на штитна жлезда во документацијата постои ХП наод кој го видов во целина и кој говори за слабодиференциран спамозен тип карцином“,
кажа вештакот.
На укажување од Васев дека користените лекови биле одобрени од американската ФДА, вештакот рече дека ФДА е одговорна за регистрација на лекови во САД, а Европската агенција за лекови е одговорна за европските и затоа тој и во анализата и во одговарањето на прашањата се фокусирал на индикациите кои се однесуваат на европските држави.
„Зборував за меѓународните препораки, но добро е секоја земја да има и свои национални препораки“,
рече вештакот од Србија.
По неколку прашања што се однесуваа на препишаните лекови и нивните дози, односно дали тие биле согласно одредени меѓународни препораки и слично, вештакот рече дека сето она што денеска го зборувал било актуелно пред 15 години, а денеска повеќе не.
„Зборуваме овде за клиничка пракса и сите знаат дека оваа 15 години стара пракса е надмината и целата примена на хемотерапија е надмината и дека примена без позната мутација денеска е повеќе логистички проблем, отколку биолошка категорија, бидејќи сите пациенти со карцином во европските онколошки центри треба пред почеток на лекување да се тестираат на ЕГФР (рецептор за епидермален фактор на раст)“,
рече сведокот.
Вештакот нагласи дека анализирал документацијата на терцијалната клиника, а станува збор за водечка во својата област во Македонија и за претпоставка имал дека раководството и лекарите обезбедиле елементарен наод за лекување пациенти со метастатски карцином.
Случајот „Онкологија“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Ѓорѓева од ОЈО Скопје откако обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска минатата недела беше избрана во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија-Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти.
Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај вкупно 47 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и за проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари од државниот буџет.
