Пациент нападнал докторка на Инфективното одделение во охридската болница, информира полицијата. Инцидентот се случил денеска наутро, а според првичните информации пациентот го извршил нападот оти не сакал да чека ред за преглед.
„Денеска (16.01.2022) во 09.19 часот, во СВР Охрид е пријавено дека во Инфективното одделение во Охрид, едно лице најнапред вербално, а потоа и физички нападнало вработена на oдделението“,
информира охридската полиција.
Директорот на болницата, Горан Балевски, го осуди нападот и вели дека лекарите не заслужуваат ваков третман.
„Во амбулантата дневно има и по 60 прегледи со само две лекарки и денеска една од нив, пациент што не сакал да чека во ред, ја фатил за врат да ја дави. Пријавивме во полиција, лекарката е добра. Станува збор за искусна докторка на 62 години. Го осудуваме секој ваков чин кон лекарите кој не е прв, а за жал ниту последен. Лекарите не заслужуваат ваков третман од пациентите бидејќи од почетокот на пандемијата се на првата борбена линија со ковид-19“,
вели Балевски.
СВР Охрид информира дека презема мерки за расчистување на случајот.