Граѓаните на Јужна Кореја кои доаѓаат од овие африкански земји ќе бидат ставени во карантин најмалку десет дена, без разлика дали биле вакцинирани или не
Јужна Кореја ги пријави првите пет заразени со новиот вид на коронавирус омикрон, регистриран кај лица кои дошле од Нигерија.
Заразени се брачна двојка која пристигнала од Нигерија на 24 ноември, пријател кој дошол да ги земе на аеродромот и две жени кои отпатувале во Нигерија и се вратиле во Јужна Кореја на 23 ноември.
Јужнокорејските власти размислуваат да воведат дополнителни контроли на границата, откако во неделата им забранија влез на странски патници од Јужна Африка и седум други јужноафрикански земји, со цел да се заштитат од омикрон, кој се пренесува побрзо од другите видови на коронавирус.
Граѓаните на Јужна Кореја кои доаѓаат од овие африкански земји ќе бидат ставени во карантин најмалку десет дена, без разлика дали биле вакцинирани или не.
Јужна Кореја денеска пријави 5 123 нови инфекции со коронавирус, од кои повеќето се регистрирани во Сеул и околните области, каде што е пополнет повеќе од 80 отсто од капацитетот на Одделот за интензивна нега ковид.
Повеќе од 720 пациенти заразени со коронавирус се во тешка или критична состојба, најмногу од почетокот на пандемијата. Бројот на смртни случаи од последиците на инфекцијата во еден ден се движи меѓу 30 и 50 во последните недели.
