Христијанско демократска унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел претрпе убедлив пораз на регионалните избори во две сојузни покраини, покажуваат излезните анкети.
Во покраината Баден-Виртемберг, ЦДУ доби поддршка од 24 проценти, додека во Рајнската Област – Пфалц, иако водеше во анкетите, предвидувања се дека ќе добие само 27 отсто, пишува Би-би-си.
Во Баден-Виртемберг најголема поддршка освоија Зелените со 32,7 отсто, со кои веројатно ќе останат на власт на чело со премиерот Винфрид Кречман, додека во Рајнска Област – Пфалц победи Социјалдемократската партија (СПД) со околу 35 отсто и предвидувањата се дека премиерот Малу Драјер ќе ја задржи власта.
Би-би-си анализира дека резултатите на партијата на Меркел се полоши од очекуваните. Зголемениот број на инфекции и бавниот процес на вакцинација влијаел на поддршката, како и тоа што некои конзервативни пратеници заработиле огромни провизии за договори за набавка на вакцини.
Покраинските избори ќе влијаат и на тоа кој ќе биде нов канцелар на Германија по изборите што треба да се одржат во септември. Во јануари ЦДУ го избра Армин Лашет за нов партиски лидер, но неговата кандидатура за канцелар не е загарантирана, а негов ривал е Маркус Содер, кој е лидер на сестринската партија на ЦДУ, баварската ЦСУ.