Според пишувањата на Ројтерс, со победата на партијата АНО на Бабиш се зголемува можноста за влада што ќе го зајакне популистичкиот, антиимиграциски камп во Европа и ќе ја намали поддршката за Украина

Партијата АНО на популистичкиот милијардер Андреј Бабиш води на парламентарните избори во Чешка со 35 проценти од гласовите, според прелиминарните резултати со повеќе од 98 отсто преброени гласови од страна на статистичката служба, пишуваат странските медиуми.
Според Заводот за статистика, од преброени 98 отсто од гласачките единици, АНО води со 35 отсто, додека коалицијата Заедно (Сполу), предводена од актуелниот премиер на земјата, Петр Фиала, се наоѓа на второто место со 23,2 отсто.
„Исклучително сум задоволен и сакам да им се заблагодарам на сите што излеговте на гласачките места. За тоа се боревме, за слободни избори каде што луѓето можат да одлучат. Среќен сум што ги убедивме луѓето да гласаат. Се надеваме дека ќе формираме влада која ќе работи напорно. Никогаш нема да ве предадеме“,
рече Бабиш, пренесува порталот 24.
Вечерва Фиала му ја честиташе победата на Бабиш, како и на сите партии што учествувале на изборите.
„Честитки до Андреј Бабиш, победникот на изборите, а на сите вклучени партии им честитам за резултатите. Коалицијата Заедно го носи главниот товар на сите кризи низ кои помина Чешка во изминатите години. Ја надминавме најголемата безбедносна и економска криза во модерната историја. Направивме голем број непопуларни, но неопходни чекори. Го исполнивме нашето основно ветување. Ја споивме Чешка. Денес сме земја која е енергетски независна од Русија, градиме автопати побрзо отколку во Полска, а нашиот економски раст ги надминува Австрија и Германија“,
напиша Фиала на својот фејсбук-профил.
Според пишувањата на Ројтерс, со победата на партијата АНО на Бабиш се зголемува можноста за влада што ќе го зајакне популистичкиот, антиимиграциски камп во Европа и ќе ја намали поддршката за Украина.
Бабиш пред поддржувачите рече дека АНО ќе бара еднопартиски кабинет, но ќе разговара со две мали партии – вклучувајќи ја и крајнодесничарската СПД – бидејќи неговата партија нема да има апсолутно мнозинство.
Сепак, како што пишува Ројтерс, Бабиш мора да надмине некои пречки за да стане премиер, вклучувајќи ги законите за судир на интереси како сопственик на империја за хемикалии и храна и долготрајните обвиненија за измама поврзани со добивање субвенции од ЕУ пред повеќе од 15 години – обвиненија што тој ги негира.
Тој повторно ги отфрли обвинувањата дека неговата победа ќе ја направи централноевропската нација помалку сигурен партнер на Европската Унија и НАТО.
„Сакаме да ја спасиме Европа и ние сме јасно проевропски и за НАТО“,
рече Бабиш.
АНО вети побрз раст, повисоки плати и пензии, како и пониски даноци и даночни попусти за студентите и младите семејства за време на кампањата.
Чешката телевизија СТВ соопшти дека на дводневното гласање за избор на пратеници во Долниот дом на чешкиот парламент, кое заврши пред два часа, излезеноста била околу 55 проценти.
Оваа година за 200 пратенички места се кандидираа 4 462 кандидати, што значи дека во просек 22 лица се пријавуваат за едно пратеничко место.