Претседателот на Бугарија, Румен Радев, идната недела ќе им го врачи мандатот за формирање на новата влада на копретседателите на „Промените продолжуваат“, Кирил Петков и Асен Василев, а тие имаат рок од една недела од моментот на добивање на мандатот да го приложат списокот со номинираните кандидати за идни министри
Подготвени се финалните текстови од коалицискиот договор за формирање на новата бугарска влада, јавува јавија тамошните медиуми откако на лидерската средба четирите партии „Промените продолжуваат“, Бугарската социјалистичка партија, „Има таков народ“ и Демократска Бугарија постигнаа договор околу програмата.
Ова ќе биде најкомплексната коалиција што ќе ја има Бугарија – четирипартиска, што се случува првпат во последните 32 години од воведувањето на повеќепартискиот систем. До крајот на денот се очекува да биде потпишан Договор за коалиција од лидерите на четирите партии: Кирил Петков, Асен Василев, Корнелија Нинова, Слави Трифонов, Христо Иванов и Атанас Атанасов.
Извршното биро на БСП денеска ќе одржи состанок за усвојување на коалицискиот договор за формирање на новата бугарска влада.
Според верзијата на договорот што ја објавуваат бугарските медиуми, идната влада ќе има четири вицепремиери. Единствено партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ ќе биде без вицепремиер, но ќе има четири министерства.
Премиерот на Бугарија ќе биде од партијата победник на предвремените парламентарни избори на 14 ноември „Промените продолжуваат“. Таа ќе има и двајца вицепремиери кои ќе бидат и министри за финансии и ефикасно владеење. „Промените продолжуваат“ ќе имаат и министри за образование, здравство, внатрешни работи, одбрана, транспорт, како и министер за раст и иновации и култура.
БСП ќе има министер за социјала, вицепремиер и министер за економија и индустрија, како и министер за земјоделство и министер за туризам.
Партијата „Има таков народ“ ќе има министри за енергетика, за надворешни работи, за регионален развој и за спорт.
„Демократска Бугарија“ ќе раководат со министерствата за правда како и за е-влада и ќе имаат вицепремиер, кој ќе биде и министер за животна средина и води.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, идната недела ќе им го врачи мандатот за формирање на новата влада на копретседателите на „Промените продолжуваат“, Кирил Петков и Асен Василев, а тие имаат рок од една недела од моментот на добивање на мандатот да го приложат списокот со номинираните кандидати за идни министри.